Бомбардирањето на Газа продолжува, расте притисокот за заштита на цивилното население

Израелската војска синоќа го бомбардираше Појасот Газа поради зголемените предупредувања од целиот свет за воздржаност за заштита на цивилите.

Вкупно околу 400 цели се погодени во малата палестинска енклава од обновувањето на судирите во петокот, кога истече еднонеделното примирје, при што загинаа најмалку 240 луѓе, според тамошното Министерство за здравство.

Военото крило на Хамас и сојузничкиот Исламски џихад, исто така, соопштија дека во саботата испукале „барана од ракети“ врз израелските градови, вклучително и Тел Авив.

Израелската армија соопшти дека биле истрелани „повеќе од 250 ракети“ и дека двајца војници загинале.

Најмалку седум лица загинаа во израелски напад во мугрите во секторот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа, соопшти владата на Хамас.

Израелската армија е распоредена на копно на северот на Појасот Газа, а ги засили воздушните напади на југ, каде што стотици илјади Палестинци се засолниле поради конфликтот, пренесе агенцијата Франс прес.

Палестинските медиуми рано утринава објавија дека армијата изведува опсежни артилериски и воздушни напади низ Појасот Газа.

Мета на нападот е јужниот град Кан Јунис, објави новинската страница Шехаб, блиска до Хамас.

Во меѓувреме, израелските власти тврдат дека воспоставиле механизам за да се спречат хуманитарните работници и цивилите во Газа да бидат фатени во вкрстен оган на израелската војска и Хамас.

Како што претходно објасни американски функционер, израелски воен офицер ќе биде задолжен за координација меѓу хуманитарните организации и војниците на теренот, за да не бидат насочени кон хуманитарните работници.

Израелската војска продолжува да користи мапи за евакуација за Палестинците за да ги избегнат борбените зони.

Портпаролот Авихај Адраи на платформата X објави дека Палестинците од повеќе зони во Кан Јунис мора да одат во одредени безбедни области.

Мапата го подели Појасот Газа на стотици мали зони и армијата ги повика Палестинците да внимаваат на нивниот број и да ги следат новите инструкции на армијата.

Израелската армија утринава соопшти дека во текот на ноќта меѓу другото воздухопловните сили погодиле тунели, командни центри, магацини за муниција и дека „терористичка ќелија е елиминирана со дрон“.

Морнарицата гранатираше цели поврзани со Хамас, вклучувајќи воена инфраструктура, поморски бродови на Хамас и складишта за оружје.

Преговорите за обновување на примирјето со посредство на Катар се во застој од вчера, а тим на израелската разузнавачка служба Мосад се врати од Доха по наредба на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Тој синоќа изјави дека нема друг начин за победа освен со продолжување на копнената офанзива.

Претходно, американскиот потпретседател Камала Харис рече дека Израел мора да направи многу повеќе за да ги заштити цивилите.