ВИДЕО | После девет години во јавноста се појави интервју кое уништи еден од најголемите митови за руската инвазија: Владимир Путин лаже !?

Во мај минатата година, претседателот на Русија, Владимир Путин, кажа дека одлуката на Русија да започне „специјална воена операција“ во Украина е „неопходна, правилна и навремена“.

Претходно, при објавувањето на инвазијата, Владимир Путин го обвини НАТО дека претставува закана за Русија. Со години Владимир Путин не гледа љубезно на проширувањето на НАТО кон исток, а на неговата листа е и желбата Украина засекогаш да остане воено неутрална. Исто така, бара НАТО да ги повлече своите сили и воена инфраструктура од земјите-членки кои се приклучија на алијансата од 1997 година. Тоа се Централна и Источна Европа и балтичките земји.

Владимир Путин

Тој тврди дека НАТО ја искористил слабоста на Русија по распадот на Советскиот Сојуз за да се прошири кон исток, прекршувајќи ги ветувањата што западните лидери наводно и ги дале на Москва.

Но, таквите ветувања всушност никогаш не беа дадени, а тоа го потврди некој што со сигурност го знае: Михаил Горбачов, тогашен претседател на СССР, пред девет години тој ова го раскажал на Стивен Пајфер, поранешен американски амбасадор во Украина и експерт за европски прашања и разоружување во институцијата Brookings.

Деновиве на социјалната мрежа Твитер се појави старо интервју на Михаил Горбачов за германската телевизија ZDF од 2014 година.

Наводното прекршување на ветувањата од Западот дека НАТО нема да се прошири долго време беше клучен елемент во наративот на Владимир Путин против воената алијанса.

Во говорот на безбедносната конференција во Минхен одржана во 2007 година, Владимир Путин порача:

И ние имаме право да прашаме: против кого е наменета оваа (НАТО) експанзија ? А што се случи со гаранциите на нашите западни партнери по распадот на Варшавскиот пакт ?

Институтот Brookings еднаш напиша дека западните лидери никогаш не ветиле дека нема да го прошират НАТО, а ова го открија неколку аналитичари. Тие потсетуваат дека Марк Крамер детално го истражувал ова прашање во напис од 2009 година за The Washington Quarterly. Како извор користел декласифицирани американски, германски и советски записи. Тој истакнал дека во дискусиите за повторно обединување на Германија, Советите никогаш не го покренале прашањето за проширување на НАТО, освен кога тоа може да се примени во поранешна ГДР. Тој тврдеше дека Германците, Американците, Британците и Французите во 1990 година се договориле дека нема да има распоредување на негермански сили на НАТО на територијата на поранешна ГДР. Во 1990 година, малкумина размислуваа сериозно за можноста за проширување на НАТО на исток.

Во 2014 година, Михаил Горбачов зборуваше за ветувањата во интервју за германската телевизија за време на дискусиите за обединување на Германија.

На новинарско прашање зошто не инсистирал на ветувањата што ги добил, особено ветувањето на американскиот државен секретар Џејмс Бејкер дека НАТО нема да се прошири на исток, да бидат законски регулирани, Михаил Горбачов одговорил:

Темата за проширувањето на НАТО воопшто не се разговараше, ниту се зборуваше за тоа во тие години.. Се разговараше за друго прашање: да се обезбеди да не напредуваат воените структури на НАТО и да не бидат распоредени дополнителни вооружени сили на територијата на тогашната ГДР– и по обединувањето. Во тој контекст беше дадена и изјавата на Џејмс Бејкер. Сè што можеше и требаше да се направи за да се зајакне оваа политичка определба е направено и исполнето“, кажал тој.

Михаил Горбачов продолжил и кажал дека „договорот за конечно решение со Германија вели дека нема да се создадат нови воени структури во источниот дел на земјата, дека нема да бидат распоредени дополнителни војници, дека нема да биде распоредено оружје за масовно уништување“. Поранешниот руски претседател тврди дека договорот се почитувал сите тие години.

Иако Михаил Горбачов го критикуваше проширувањето на НАТО и го нарече кршење на духот на гаранциите дадени на Москва во 1990 година, тој јасно кажа дека нема никакви ветувања во врска со проширувањето на алијансата.