ВИДЕО | СРБИЈА ПОД ВОДА – Големи поплави во соседството, евакуирани над 200 луѓе: Водата уништи мост на реката Морава, а поплавена е и болница во Крагуевац – погледнете!

Над 200 луѓе се евакуирани, а вонредна состојба е на сила во 52 населени места во соседна Србија, откако обилните врнежи од дожд предизвикаа поплави, лизгање на земјиштето, уништување на мостови како и делови од патиштата и оштетена е комуналната инфраструктура за помалку од 48 часа.

Најкритична ситуација денес (сабота) е на подрачјето на Краљево, каде покрај десетици поплавени куќи, во близина на градот Адране, поплавата однесе и половина од мостот преку реката Морава на автопатот Ибар што води кон југозападна Србија.

Во Крагуевац вода навлегла во ургентниот центар на клиничката болница, кој бил принуден да го промени режимот на работа и прима само пациенти со сериозни заболувања односно опасни по живот.

Според инфотмациите од соседните медиуми, поплавниот бран се движи кон југ.

Според извештаите на Радио телевизијата на Србија (РТС), екипи на пожарникари и спасувачи од Секторот за вонредни состојби на Министерството за внатрешни работи на Србија интервенираат во населените места во централна и западна Србија каде се излеале реки и локални водотеци во Јагодина, Трстеник, Брус, Косјериќ и Сокобања.

Најголеми штети се нанесени на стотици куќи и станбени згради, јавни институции вклучително и болници, илјадници хектари земјиште се под вода.

Поројните поплави исто така предизвикаа големи штети на патната инфраструктура.

Републичкиот хидрометеоролошки завод предупреди дека во сабота се очекуваат пообилни врнежи од дожд на истокот и југоистокот од земјата, а можни се високи водостои во сливовите на најмалку три реки на истокот од Србија, за што ќе бидат потребни вонредни мерки за заштита од поплави.

За недела попладне метеоролозите најавуваат слабеење и престанок на врнежите.