Високиот претставник на ЕУ, Борел, ја спореди Газа со Украина: „Не можете да ја прекинете водата на населението“

– Високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешна и безбедносна политика, Жосеп Борел, ја спореди Газа со Украина и рече дека дел од воениот одговор на Израел го прекршува меѓународното право.

„Го кажавме тоа во Украина и го кажуваме за Газа: не можете да ја прекинете водата и сите комунални услуги за целото население“, изјави Борел за шпанскиот весник „Ел Паис“. „Мораме да продолжиме со притисокот и да инсистираме (Израел да го почитува меѓународното право).“

Изјавите на Борел доаѓаат еден ден откако претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, отпатува за Израел каде што се сретна со премиерот Бенјамин Нетанјаху и некритички ја вети поддршката на Европа за Израел.

Осудувајќи ги Хамас и милицијата за предизвикување ситуација за која е „невозможно е да се најдат мирни решенија“, Борел, инаку шпански политичар, направи дистинкции.

„Она што се случи не се случило долго време и емоциите се на високо ниво… Сега мора да се справиме со најитните нешта, тоа е ситуацијата во Газа и спречување на проширувањето на конфликтот“, додаде тој.

Во врска со предупредувањето на израелската армија за евакуација на населението од северна Газа, Борел рече дека е „целосно нереално“ да се бара 1 милион луѓе да ја евакуираат северна Газа за 24 часа.

„Нашата делегација таму добива информации од луѓето во засолништата и болниците каде повредените велат: „Како ќе заминеме, како да се движиме ако нема ни превоз?“

Иако конфликтот ги открива старите поделби во Европа, Борел рече дека „огромно мнозинство“ претставници на ЕУ на состанокот кој се одржа на почетокот на неделата биле против прекинување на помошта за Палестина.

Борел, исто така, рече дека по разговорот со „сите актери“ на граничниот премин Рафа меѓу Газа и Египет, инфраструктурата е многу оштетена од бомбардирањата. Но, нагласи, ако Израел престане да бомбардира, предвидува дека ќе може да се донесе хуманитарна помош во Газа и да се изврши селективна евакуација.