Владата на Србија потврди дека работи на нова стратегија за надворешната политика

– На седницата на Владата на Србија, на која присуствуваше и претседателот на државата Александар Вучиќ, денеска беше договорено „да се пристапи кон изработка на стратешки документ од областа на надворешната политика“, што „прецизно ќе ги дефинира односите на Србија со други земји“.

Како што соопшти Владата на Србија, целта на овој документ е „да се почитуваат партнерите и пријателите на Србија кои недвосмислено го поддржуваат територијалниот интегритет на земјата и постапуваат во согласност со принципите на меѓународното право во сите меѓународни организации“.

На средбата било прецизирано дека во идната стратегија на надворешната политика „ќе се земат предвид билатералните односи и дека нема да се надминат границите на реципроцитет“.

„Тој нов документ ќе внесе длабоки и суштински промени, во согласност со одговорниот однос кон нашата земја, а почитувањето на меѓународното право ќе биде првата точка на стратегијата“, се вели во соопштението.

Вучиќ претходно денеска изјави дека Србија мора да го промени своето однесување кон своите пријатели.

„Мораме да го промениме нашето однесување за да ги почитуваме оние кои се пријателски расположени кон нас повеќе отколку што сме направиле досега, да не заборавиме задутре и секогаш да знаеме дека Шпанија, Унгарија, Кипар, Романија, Азербејџан и Грузија се пред сите други “, рече тој на прес конференцијата, реагирајќи на гласањето за барањето на Косово за прием во Советот на Европа.

Тој потврди и дека Србија реципрочно ќе го почитува територијалниот интегритет на земјите кои го почитуваат интегритетот на Србија.

„Во нашата надворешна политика ќе се грижиме за билатералните односи, да не излегуваат од границите на реципроцитет, ако некој не го почитува територијалниот интегритет на Србија, зошто да бидеме обврзани да го почитуваме нивниот. Тоа нема да бидат безначајни промени во нашата политика, не тектонска, туку длабока и суштинска“, рече Вучиќ.

Пред се, тој го изрази своето разочарување поради позитивниот глас на Црна Гора и воздржаноста на Украина.

Комитетот на министри на Советот на Европа вчера на вонредна седница одлучи да го проследи барањето на Косово за прием во таа паневропска организација до Парламентарното собрание на консултации.