ВМРО-ДПМНЕ: Нема да дозволиме наметнување услови кои не се поврзани со Копенхашките критериуми

Од партијата ВМРО-ДПМНЕ велат дека сега народот е обединет и бара силно национално единство по националните и државните интереси.

„Власта е таа што ги игнорира своите граѓани, ги понижува и се обидува да ги подели. Насилните обиди на власта да направи уставни измени удираат во ѕид. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи уставни измени по бугарски диктат, кои немаат врска со копенхашките критериуми и се кршење на достоинството на нејзиниот народ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму потенцираат дека Македонија бара фер шанса како сите други земји што влегле во ЕУ, а не преговори натоварени со историски наративи и притисоци.

„Македонија бара европски институционални гаранции дека европскиот пат ќе биде предвидлив, а не подвижна мета која постојано ќе не избегнува поради апсурдните ретроградни барања на Бугарија.

За жал, оваа влада ниту кога преговараше, ниту кога прифаќаше не изгради национален и државен консензус. Сега сакаат да го наметнат како свршен факт што Македонија мора да го прифати“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.