Во невреме во САД загинаа две лица, над 400.000 луѓе се без електрична енергија

– Најмалку две лица ги загубија животите, а над 400.000 луѓе останаа без електрична енергија од рано утрово по силното невреме што зафати неколку американски сојузни држави по должината на источниот брег на Соединетите Американски Држави (САД), од Пенсилванија до Џорџија.

Во текот на ноќта тешките временски услови предизвикаа прекини на струјата за повеќе од милион домови, според веб-страницата PowerOutage, чија најнова мапа покажува дека речиси 410.000 домаќинства по должината на источниот брег се без струја.

Над 29,5 милиони луѓе беа под предупредување за торнадо во текот на вчерашниот ден во подрачјето од Алабама до Њујорк, соопшти Националната метеоролошка служба.

Во Алабама, 28-годишен маж загина од удар на гром на паркинг, објави Еј-би-си њуз, повикувајќи се на локалната полиција.

Исто така, 15-годишно момче го загуби животот во Андерсон, Јужна Каролина, кога дрво го удрило пред куќата на неговата баба и дедо, јави Си-би-ес њуз, цитирајќи го началникот на градската противпожарна служба, Чарлс Кинг.

До рано утрово во САД се откажани над 985 лета, а речиси 7.000 се одложени, покажуваат податоците на веб-страницата за следење на летовите ФлајтАвер (FlightAware).