Во СДМ избори се организираат на точен датум, се гласа непосредно и до изборите сите работиме како тим, вели Ковачевски

– Премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски изјави дека СДСМ е единствената партија во државата која што својот претседател го бира на непосредни избори и има исклучително позитивна и амбициозна иднина. Тој при тоа ги окарактеризира како шпекулации и лажни вести од таборот на опозицијата наводите за раздор во СДСМ.

-Тоа е единствено шпекулација и лажни вести кои што доаѓаат од таборот на опозицијата, со оглед на тоа дека тие веќе имаат проблеми кај себе во однос на нивното функционирање, на што сите бевме сведоци во текот на изминатиов период. Веројатно сакајќи да префрлат топка кај нивните политички противници, пласираат вакви вести. Прво, министерот Спасовски и денеска е со мене и утре ќе биде со мене и тој е дел од стратешкиот тим на СДСМ за подготовка на следните парламентарни и претседателски избори, рече Спасовски одговарајќи на новинарско прашање за наводите во медиумите дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски има амбиција да стане претседател на државата и претседател на СДСМ и оти во партијата има раздор, на настанот „Вкуси ја традицијата- Втор национален саем за храна и пијалаци“.

Премиерот истакна дека СДСМ е единствената партија во државата која што својот претседател го бира на непосредни избори во кои што учествуваат сите членови на партијата.

-Јас како претседател сум избран со над 40 илјади гласови од тројца кандидати кои што се кандидирале согласно процедура каде што има комисија и каде што секој член на партијата учествува на слободно гласање, рече тој.

Потенцира дека откако ќе завршат мандатите на кој било во партијата, тогаш повторно партијата ќе организира избори.

-За разлика од други партии кои што своите претседатели ги бираат во „Фолк фест Валандово“ сала, каде што делегатите ги носат со автобус избрени на листа, кандидатот го носат во гепек веројатно бидејќи никој не го знае, тогаш тие можат да разговараат за такви шпекулации меѓутоа во својот табор. Кај нас избори се организираат на точен датум во партијата и до изборите сите работиме како еден заеднички тим. Тука до мене е Љупчо Николовски  бивши генерален секретар, исто така и тој е млад човек. Иднината на СДСМ со оглед на раководството кое што го имаме во моментов, со оглед на луѓето кои што извршуваат врвни државни функции е исклучително позитивна и амбициозна иднина, со оглед на тоа дека тоа се луѓе кои што се помлади од мене кои што веќе имаат и академско професионално, политичко искуство и затоа еден ден кога ќе има нов претседател на СДСМ тоа повторно ќе биде победнички СДСМ како денес и повторно ќе го има капацитетот да ги носи сите одлуки кои што никој друг во државата досега немал храброст да ги носи освен СДСМ и коалициските партнери, истакна премиерот Ковачевски.