Вучиќ и Шоле: САД очекуваат забележителен напредок од средбата во Брисел

Српскиот претседател Александар Вучиќ телефонски разговарал со специјалниот советник во американскиот Стејт департмент, Дерек Шоле, кој ги пренел ставовите на официјален Вашингтон пред утрешната средба на Вучиќ во Брисел со косовскиот премиер Албин Курти.

– Американскиот дипломат истакна дека САД целосно го поддржуваат предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина и оти очекува утрешната средба во Брисел да биде конструктивна, со забележителен напредок кон договор.

Шоле рече и дека треба да се спроведат договорите, потпишани претходно во процесот на дијалог, што вклучува и формирање Заедница на српски општини – соопшти Службата за соработка со медиумите на претседателот на Србија.

Вучиќ рече дека очекува многу тешка средба, но дека Србија е посветена на мирот и стабилноста во регионот и дека во тој контекст е подготвена да работи на концептот и спроведувањето на предложениот план со јасно дефинирани ограничувања.

Вучиќ и Шоле разговарале и за европската иднина на Србија, која САД ја поддржуваат, како и за значајните можности за развој на српско-американската соработка на различни полиња, особено на економските.