Германската армија во големи проблеми! Извештај кој го загрижи Берлин: „Ни недостасуваат луѓе, касарните се празни! Ова е срамота“

Германскиот Бундесвер се соочува со проблеми на стареење и недоволно персонал, се вели во извештајот за вооружените сили претставен од комесарката за Бундесвер на Бундестагот, Ева Хогл .

– Бундесверот се намалува и старее. Треба што поскоро да ја зголемиме атрактивноста на германските вооружени сили – изјави Ева Хогл при претставувањето на редовниот годишен извештај за состојбата на вооружените сили во Бундестагот.

Според овој извештај, 181.514 војници служеле во Бундесверот во 2023 година, што е за 1.537 помалку отколку во 2022 година. Според Хоглов, се намалува и бројот на заинтересирани за воен рок.

– Над 20.000 позиции во вооружените сили останаа непополнети минатата година – рече Хогл.

Лоша е состојбата и кога се работи за инфраструктурата и касарните.

– Тушевите се во распад, домовите се дотраени, а кујните во некои случаи се затворени со години – се наведува во извештајот. Состојбата во која се наоѓаат зградите е делумно срамна и несоодветна за служба на војниците – рече таа.

Во „загрижувачка“ состојба е и воената опрема, се наведува.

– Недостига муниција, резервни делови и уреди за ноќно гледање – изјави Ева Хогл.

Таа посочи дека од 100 милијарди евра што германската влада ги издвои за итниот фонд за Бундесверот по почетокот на војната во Украина, две третини се веќе резервирани однапред за некои проекти и дека веќе е видливо дека тие 100 милијарди не би биле доволни за модернизација на Бундесверот.

– Зголемувањето на воениот буџет за неколку милијарди евра годишно ќе биде неизбежно – рече Хогл.

Извештајот, исто така, ги критикува „непотребните бирократски процеси“ во Бундесверот, но исто така забележува напредок во таа област. Во извештајот се спомнуваат и 204 дисциплински прекршоци со радикално десничарско потекло, но се заклучува дека тоа е многу мал број во споредба со бројот на војници.

Шолц ја нарече руската инвазија пресвртница и вети дека Германија ќе ја подобри својата војска. Но, овој извештај покажува дека оваа промена се случува многу бавно.