ДАЛИ НЕКОЈ ВООПШТО МОЖЕ ДА МУ СЕ СПРОТИСТАВИ НА ВЛАДИМИР ПУТИН ? Кои се противниците кои на изборите ќе се обидат да му го попречат патот на модерниот руски “цар“

Четворица кандидати ќе учествуваат на изборите за претседател на Русија во март, соопшти оваа недела претседателката на руската Централна изборна комисија (ЦИК), Ела Памфилова.

Таа вели дека ЦИК официјално го регистрирала независниот кандидат Владимир Путин и претставниците на парламентарните партии Леонид Слуцки (ЛДПР), Владислав Даванков (Нови луѓе) и Николај Харитонов (Комунистичка партија на Руската Федерација) како кандидати.

Кои се противниците на Владимир Путин ?

Ниту еден од кандидатите не претставува значителен предизвик за Владимир Путин, а нивните партии во парламентот во голема мера го поддржуваат законодавството поддржано од партијата на Владимир Путин, Единствена Русија.

Леонид Слуцки го предводи Комитетот за надворешни работи на Федералното собрание на Руската Федерација – Долниот Дом на парламентот и ја поддржува надворешната политика на Кремљ, а на последните избори на кои се кандидираше во 2018 година освои помалку од 6 отсто од гласовите.

Владислав Даванков е заменик-претседател на Државната Дума, неговата партија е основана во 2020 година и во моментов има 15 пратеници во парламентот.

Николај Харитонов веќе беше противник на Владимир Путин на изборите во 2004 година, кога го освои второто место.

Кој беше одбиен како кандидат ?

Ела Памфилова вели дека одреден циклус завршил во четврток и дека на гласачкото ливче ќе се најдат имињата на четворица кандидати, бидејќи ЦИК на седницата одбила да ги пријави Борис Надеждин, Сергеј Малинкович, Анатолиј Баташев и Рада Руска, пренесуваат руските медиуми.

Борис Надеждин најави дека на таа одлука ќе поднесе жалба до Врховниот суд.

Советот на Федерацијата закажа претседателски избори во Русија за 17. март 2024 година.

Гласањето ќе трае три дена – 15., 16. и 17. март.