Ердоган: „Нетанјаху веќе не е некој со кој можеме да разговараме, го пречкртавме и фрливме“

 – Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повеќе не е некој со кој ќе се разговара и порача дека Турција ќе стори сѐ што е во нејзина моќ да ги разоткрие кршењето на човековите права и воените злосторства од страна на Израел и да ги претстави пред Меѓународниот кривичен суд.

Ердоган во интервју за време на авионскиот лет на враќањето од службената посета на Казахстан, изјави дека за нападите врз блокираниот палестински Појас Газа најодговорен е израелскиот премиер Нетанјаху, кому му ослабува поддршката и во Израел.

„Нетанјаху веќе не е некој со кој можеме да разговараме, го пречкртавме и фрливме“, порача Ердоган.

Претседателот на Турција Ердоган рече дека Нетанјаху ја загубил поддршката на израелските граѓани и со верска реторика сака да ја придобие поддршката за масакрите во Газа.

Ердоган додаде дека Нетанјаховите дела немаат никаква врска со верските книги, вклучувајќи ги и Тората и Библијата.

„Реков нешто во својот говор на Маршот за Палестина во Истанбул. Најавив дека ќе ги поддржиме иницијативите кои би ги изнеле израелските кршење на правата и воените злосторства пред Меѓународниот кривичен суд. Нашите надлежни органи, особено Министерството за надворешни работи, ќе ја спроведе оваа работа“, рече Ердоган.

Претседател Ердоган рече и дека Турција е подготвена да дејствува како земја гарант за Газа по судирите.

Турскиот претседател нагласи дека светот ги затвара очите пред израелските брутални напади на цивилите и здравствената инфраструктура, оставајќи ги бебињата и цивилите да умрат.

Истакнувајќи дека ниту Европската унија на правичен начин не му пристапила кон прашањето за Газа и дека била и вон дипломатските процеси во руско-украинската војна, Ердоган рече дека со тоа е нарушена довербата во ЕУ.

„Сиот свет мора да го чуе плачот на палестинските деца. Наша должност е да им подадеме рака помош на тие недолжни и угнетени луѓе. Тоа е човечка должност“, истакна Ердоган.

Претседателот Ердоган рече дека престојниот самит на Организацијата на исламска соработка (ОИС) во Ријад ќе биде клучен во напорите за прекин на огнот во Газа.

„Турција сака да ја види Газа мирна, како дел од суверена држава Палестина, со територијален интегритет и источен Ерусалим (Кудс) како главен град во границите од 1967 година“, порача претседателот Ердоган.