Заради знамето на „Голема Албанија“ во срцето на Македонија, претседателот Пендаровски бара казна за организаторите

Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, побара организаторите на јавните собири во Тетово и Чаир да бидат санкционирани поради кршење на законските одредби во однос на употребата на државното знаме, химната и знамињата и симболите на заедницата, како и за целосно игнорирање на државата и државните симболи.

Пендаровски реагираше на посетата на премиерот на Косово, Албин Курти, на Тетово, каде што знамето на т.н. „Голема Албанија“, беше истакнато и повика надлежните органи да реагираат што поскоро согласно процедурите.

– Нагласувањето на провокативната националистичка иконографија, која промовира големодржавни шовинистички идеи, претставува разгорување на етничка омраза и нетрпеливост, што недвосмислено ги напаѓа основните принципи и вредности на Рамковниот договор, како и концептот на Македонија како мултиетничка држава – вели Пендаровски во соопштението објавено на веб-страницата на претседателот на Северна Македонија.

Како што оцени, начинот на реализација на идејата за преименување на улица во општина Чаир е спротивен на принципот на демократска дискусија и почитување на историското наследство на сите заедници во државата.

-Во оваа смисла, очекувам надлежните инспекциски служби да проверат дали при носењето на одлуката се почитувал принципот на двојно мнозинство, во кој треба да се вклучат и гласовите на заедниците кои не се мнозинство во таа општина – заклучи Пендаровски.

Во петокот, за време на неофицијалната посета на Северна Македонија, Курти се сретна само со лидерите на албанските опозициски партии и го поддржа преименувањето на улицата „Втора македонска бригада“ во „Адем Демаќи“ во скопската општина Чаир.

На собирот во центарот на Тетово при посетата на Курти, се вееше знамето на т.н „Голема Албанија“, која опфаќа делови од Македонија, Црна Гора, Србија и Грција.