Измените на КЗ го спасија и поранешниот член на Судски Зоран Теофиловски – му се судело речиси две години

Измените на Кривичниот законик го спасија и поранешниот член на Судскиот совет, Зоран Теофиловски за кого судијата во Кривичниот суд и официјално констатираше апсолутна застареност на кривичното гонење.

Јавното обвинителство предложи судот да донесе решение за запирање на кривичната постапка поради измените на Кривичниот законик. Судот донесе решение со кое ја запре постапката поради настапување на апсолутна застареност на кривичното гонење, соопштија од Коалицијата „Сите за правично судење“ во редовниот судски мониторинг.Од мониторингот на Коалицијата може да се забележи дека на Теофиловски му се судело речиси две години и рочиштата постојано се одложувале, поради истек на рокот од 90 дена, поради отсуство на бранител, поради отсуство на обвинет, поради отсуство на јавен обвинител, поради отсуство на член на судечкиот совет итн…

Теофиловски беше обвинет за кривичното дело злоупотреба на службената положба став пет, став кој беше целосно избришан со измените на Кривичниот законик. Со овие измени кои власта експресно ги донесе и ги изгласа, казните за ова кривично дело се ограничени на пет години затвор, па застареноста настапува за десет години од сторувањето на делото.