Израелската војска соопшти дека од 7 октомври извршила напади на над 11.000 локации во Појасот Газа

 – Израелската војска денес соопшти дека од 7 октомври извршила напади на над 11.000 локации во Појасот Газа, пренесува Анадолу.

Израел продолжува да ги интензивира своите напади врз блокираната енклава и покрај зголемените повици од страна на меѓународната заедница за прекин на огнот.

Во соопштението, Армијата тврди дека погодените цели биле воени подрачја кои му припаѓале на вооруженото крило на Хамас, Бригадите Ал-Касам.

Израелските сили ги продолжуваат своите „копнени операции“ во Појасот Газа, се додава во соопштението.

На сликите објавени од војската се прикажани израелски војници и оклопни возила во опустошените погранични области на Газа.

Оваа недела израелската Армија ги прошири своите воздушни и копнени напади врз Појасот Газа, кој е под немилосрдни воздушни напади откако палестинската група на отпорот, Хамас, започна ненадејна офанзива против Израел на 7 октомври.

Оттогаш во конфликтот загинаа над 10.000 лица – 8.525 Палестинци, од кои 3.542 деца, и 1.538 Израелци.

Досега, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и американската Влада, главниот сојузник и воен спонзор на Израел, ги одбија меѓународните повици за прекин на огнот.