Ковачевски-Белен: Потврдена одличната соработка со Австрија, Северна Македонија одлучно продолжува на патот кон ЕУ

–  Поддршката на Австрија за евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија е постојана и силна. Австрија има цврста определба дека сака побрза интеграција на регионот како дел од ЕУ. Тоа, како што соопшти владината прес-служба, е истакнато на денешната средба на премиерот Димитар Ковачевски со сојузниот претседател на Република Австрија, Александер Ван дер Белен, кој престојува во официјална посета на државава.

На средбата е нагласено долгогодишното пријателство и одличното ниво на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Австрија, како и развиената взаемна соработка во повеќе сектори.

-Претседателот Ван дер Белен нагласи дека Австрија и понатаму силно и гласно ќе ја поддржува интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, потенцирајќи дека земјата се движи во вистински правец и на тој пат е потребен национален консензус. Во однос на претстојниот процес поврзан со уставните измени, претседателот истакна дека следниот чекор на државата не е лесен, но Северна Македонија може да смета на Австрија како на сигурен партнер на тој пат,  наведуваат во соопштение од Владата. 

Премиерот Ковачевски му се заблагодарил на австрискиот претседател Ван дер Белен за несебичната поддршка и континуираното партнерство со нашата земја во изминатите речиси три децении, како на билатерално, така и на мултилатерално ниво, особено во Обединетите нации, како и во рамки на ОБСЕ, каде нашата улога е нагласена оваа година, кога Република Северна Македонија е во улога на претседавач со Организацијата, а чија кандидатура беше поддржана од Австрија.

-Заеднички е констатирана улогата на Северна Македонија како фактор на стабилност во регионот и како кредибилен партнер на НАТО и ЕУ, што е особено важно во процесот на обезбедување на напредок на земјата, како и пристапување на земјата во европското семејство на народи, се наведува во соопштението.

Премиерот Ковачевски го истакнал значењето на Австрија како еден од најголемите странски инвеститори во државава, со констатација дека постои потенцијал за зголемување на нивото на трговската размена.

На средбата присуствувале и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министрите за правда Кренар Лога и за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и амбасадорот на Северна Македонија во Австрија, Освит Росоклија, како и сојузната министерка за правда на Австрија, Алма Задиќ и амбасадорот на Австрија во државава Георг Вуцас.