Ковачевски најави повнимателен пристап при изборот на кадри доколку добие уште еден мандат

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, доколку го добие новиот мандат за премиер, предупредува на многу повнимателен пристап во изборот и доделувањето на кадрите, кои ќе ги водат институциите.

Ковачевски во изјава за медиумите рече дека како премиер во времето на енергетската и економската криза повеќе се фокусирал на менаџирање на кризата отколку на решавање на личните однесувања на поединци од власта.

„Дали однесувањето на сите функционери беше адекватно? Имаше и такви кои се однесуваа несоодветно на политичките прилики и политичкиот амбиент. Дали министрите, вклучително и министрите од ДУИ, работеа напорно со мене? Да, затоа што работевме во услови на голема економска и енергетска криза и можам само да искажам пофални зборови за министерот Битиќи, кој е од мојата партија, за Фатмир Бесим, Крешник Бектеши, Азир Али кој е висок експерт кој го подготви реформски закони во јавната администрација и ги достави до Собранието“, рече Ковачевски.

Без да најави дали доколку добие уште еден мандат ќе коалицира со ДУИ, Ковачевски потенцира дека заедно со оваа партија донеле тешки одлуки за државата што и овозможиле на земјата да влезе во НАТО и да ги започне преговорите за членство во Европската унија. .

Тој додаде дека се согласува со изјавата на американскиот амбасадор за корупција во земјава и нагласи дека во изборната програма на СДСМ има 41 мерка за реформи во правосудниот систем подготвени на негово барање во соработка со Европската унија.

Ковачевски повтори дека процесот на интеграција во ЕУ е единствениот процес кој може да донесе позитивни промени во борбата против корупцијата и владеењето на правото.