Комисијата за европски прашања ја почна расправата за законските измени за коридорите 8 и 10 д

Собраниската Комисија за европски прашања започна со расправа по дневниот ред на кој се ставени шест точки, петте предлог-законски измени за коридорите 8 и 10д, и Предлог-законот за Академија за судии и јавни обвинители

Членовите на Комисијата го почнаа претресот за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, за којшто се поднесени три амандамни од пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ

Пратениците вчера на пленарна седница ја усвоија потребата по скратена постапка да се донесат измените на петте закони означени со европско знаменце поврзани со изградбата на коридорите, а накусо заседаваше и  Комисија за европски прашања, но само го утврди дневниот ред.

На расправа пред Комисијата за европски прашања се и предлог законите за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, на Законот за градење,  на Законот за експропријација, на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола)  како и Предлог на закон за академија за судии и јавни обвинители, сите по скратена постапка. 

Опозициските пратеници во расправата и на пленарната и на комисиската седница го оспоруваа  означувањето на законите со европско знаменце и ги повторија обвинувањата дека со тоа што не е објавен Договорот со стратешкиот инвеститор, американско-турскиот конозорциум „Бехтел и Енка“, се остава простор за сомнежи за корупција, како и дека ќе се плаќаат стотици милиони евра за аванси и пенали. Од делегацијата на ЕУ во државава повторија дека загрижува означувањето со европско знаме на закони кои не се дел од усогласувањето со легислативата на ЕУ, а од владејачката СДСМ, пак, порачаа дека законските измени заштедуваат 150 милиони евра на граѓаните и две години помал рок на изведба.