Конте се враќа на клупата на Тотенхем за пресметката со Милан

– Тренерот на Тотенхем, Антонио Конте, се оправи од операцијата што му беше извршена на жолчното кесе и ќе го предводи англискиот тим на утрешниот реванш осминафинален натпревар против Милан во Лигата на шампиони.

„Сега се вратив и среќен сум. Имаме голем натпревар пред нас, сакаме да мине во следната фаза. Се надевам дека ќе почувствуваме неверојатна атмосфера на стадионот“, изјави Конте.

Реваншот во Лондон се игра утре со почеток во 21 часот, а Тотенхем има негатива од 0-1 од првиот натпревар во Милано.

„Не заборавајте дека минатата година игравме во Лигата на конференции. Оваа сезона играме во Лигата на шампиони, ја освоивме групата и утре имаме шанса да го победиме Милан и да се пласираме понатаму. Ако ме прашувате дали сакам да ја освојам Лигата на шампиони, би рекол да, но мораме да бидеме реални. Мораме да одиме натпревар по натпревар“, порача Конте.