Крешник Бектеши: “Инфлацијата за октомври за храната ќе биде под два отсто“

Министерот за економија, Крешник Бектеши, изјави дека инфлацијата во делот за храната за месец октомври ќе биде под 2 отсто, а вкупната инфлација во државата ќе биде преполовена.  

Според моите првични податоци за месец октомври кои ќе ги објави Државниот завод за статистика следната недела инфлацијата во делот на храната ќе биде под 2%, а вкупната инфлација во државата ќе биде преполовена споредено со претходниот месец и тоа е како резултат на мерките кои ги усвои Владата, посебно Министерството за економија“, порача министерот за економија Крешник Бектеши во гостувањето на ТВ Сител

Министерот потенцираше уште еднаш дека мерките се носени во постојана комуникација, состаноци со сите засегнати страни од производителите и до дистрибутерите и ланците на супермаркети. Упати порака до сите ланци на супермаркети, по добиените пријави од дистрибутери и производители да не бараат прикривање на одредени давачки.

Имаме пријави од дистрибутери и производители дека од нив се бара одредени давачки како што се рабат, рекламирање, маркетинг и слично да се прикријат, им порачувам на супермаркетите да не го прават тоа, затоа што го знаат Законот за потрошувачи. Да не се доведеме повторно во ситуација, дел од големите ланци на супермаркети да бидат затворени. Но, овој пат тоа нема да трае само пет дена, овој пат ќе трае 30 дена“, вели министерот Крешник Бектеши