КФОР: Едностраните акти на косовските власти ризикуваат натамошна ескалација на тензиите

 – Мировните трупи на НАТО во Косово, КФОР, остро ги осудија едностраните акти на насилно влегување на новоизбраните косовски градоначалници во општинските згради на северот на Косово.

КФОР во соопштението за медиумите наведе дека „внимателно ја следи ситуацијата во општините на северот на Косово, каде што следуваа низа судири поради насилното влегување на новоизбраните претседатели на општини во зградите на општините“.

„Ова е исклучително опасно за процесот на нормализација и ризикува натамошна ескалација на тензиите. КФОР остро ги осудува овие еднострани акти и ги повикува сите страни да се воздржат од насилство што може да ја загрози безбедноста на Косово“, наведува КФОР.

КФОР порача дека координацијата меѓу сите актери е од суштинско значење за да се избегне понатамошна ескалација.

„Прв приоритет на КФОР останува осигурувањето безбедна и сигурна средина, во согласност со неговиот мандат од Советот за безбедност на ОН. Дијалогот и дипломатијата се единствен пат кон траен мир и безбедност на Косово“, се заклучува во соопштението на КФОР.

Претходно од Владата на Косово е соопштено дека косовскиот премиер Албин Курти се сретнал со командантот на КФОР, генерал-мајор Анџело Микеле Ристучи, за ситуацијата на северот на Косово.

„Безбедносните институции мора да соработуваат за да гарантираат безбедна и мирна средина за сите. Премиерот Курти истакна дека градоначалниците на општините, избрани на слободни и демократски избори, мора да ги извршуваат своите должности и одговорности, да обезбедат непречено квалитетни јавни услуги за сите граѓани“, се вели во соопштението.

Во текот на денот специјални единици на Полицијата на Косово влегоа во зградите на општините Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ за да им овозможат на новоизбраните градоначалници да влезат во општинските објекти.

При спроведувањето на акцијата за влез во зградата на локалната самоуправа во Звечан, припадници на полицијата се судрија со демонстранти од српска националност што сакаа да го спречат нивниот влез. Полицијата употреби солзавец за да ги растера.

Во полициското соопштение се наведува дека граѓаните биле насилни и дека кон полициските службеници фрлале разни тврди предмети и шок бомби.

„Во нападот петмина полицајци се здобија со полесни телесни повреди, четири службени возила се оштетени, едно е запалено, а друго е оштетено. Оштетени се неколку цивилни возила, меѓу кои и возила на новинари, како и три автомобили на Мисијата на ЕУЛЕКС. Исто така, во поединечни случаи се слушаа истрели на различни локации, за што се спроведуваат истраги во соработка со правосудните органи“, се соопштува.

Полицијата на Косово истакна и дека одредени криминални поединци или групи, освен напади на службени лица и возила, се обиделе да блокираат и разни патишта со чакал и тешки возила.

„Со цел да се обезбеди слободно движење на луѓе и стока, косовската полиција презеде мерки за нивно отстранување и чистење на патиштата во соработка и координација со надлежните. Возилата се отстранети, патиштата се слободни за сообраќај, додека косовската полиција ангажираше свои единици за увид и понатамошни полициски дејства“, се наведува од Полицијата на Косово.

Соединетите Американски Држави и Европската Унија ја осудија акцијата на косовските институции за насилно влегување во зградата на општината и го повикаа премиерот Албин Курти веднаш да ги прекине овие насилни мерки и повторно да се фокусира на дијалогот што го води ЕУ.