Лапорта: Меси ќе се врати во Барселона

 Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, за време на разговорот со навивачите пред натпреварот од 29. коло на шпанското првенство против Хетафе (0:0), изјави дека напаѓачот на ПСЖ, Лионел Меси наскоро ќе се врати во каталонскиот тим.

На програмата на „Cadena SER Carrusel Deportivo“ се појави видео во кое Лапорта одговара на прашањето: „Дали Меси ќе се врати во Барса“. На прашањето што го постави навивач, функционерот гласно и јасно одговори: „Да“.

Аргентинецот веќе играше за каталонскиот клуб од 2005 до 2021 година. Како дел од каталонскиот тим одигра 778 натпревари, постигна 672 гола и 303 асистенции.

Актуелниот договор на 35-годишниот Меси со ПСЖ е со важност до крајот на сезоната. Тој оваа сезона одигра 34 натпревари, постигна 19 голови и 18 асистенции.