Либија: Поплавите во Дерна причина за смртта на над 6.000 лица, илјадници се водат за исчезнати

– Бројката на загинати во поплавите што го зафатија градот Дерна во источниот дел на Либија се зголеми на над 6.000, а илјадници се водат за исчезнати.

Во разговор за Анадолу, Саадедин Абдул Вакил, потсекретар на Министерството за здравство во Владата назначена од Парламентот, рече дека бројот на загинати надминал 6.000, додека илјадници сѐ уште се водат како исчезнати.

„Бројот на загинати се смета за прелиминарен и ова е статистика за сите области погодени од поплавите, а градот Дерна забележа најголем број жртви“, рече Вакил.

„Државните болници во погодените области се речиси нефункционални“, истакна Вакил, додавајќи дека во тек се напори за обновување на 10 болници и 20 медицински центри.

Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина во понеделникот објави дека бројот на исчезнати лица по поплавите надмина 10.000.

Властите во источна Либија презедоа низа мерки, вклучувајќи и прекин на наставата во сите јавни и приватни образовни институции, затворање на продавниците и воведување полициски час поради бурата што зад себе остави апокалиптични последици.

Премиерот на Владата на национално единство, Абдулхамид Дбеибе, вчера прогласи тридневна жалост во целата земја поради загинатите од поплавите.

Обилните дождови како резултат на моќниот циклон „Даниел“ во неделата погодија неколку области во источна Либија, вклучувајќи ги Бенгази, Ал Бајда и Ал-Марџ, како и Соуса и Дерна.