Лидерите му честитаат на Ердоган по изборите во Турција

Шефовите на држави упатија пригодни честитки до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган по изборите одржани во Турција.

Претседателот на Азербејџан Илхам Алиев во телефонски разговор им честиташе на Ердоган и на Народната алијанса за освоеното мнозинство гласови на претседателските и парламентарните избори одржани во неделата.

Алиев истакна дека Турција под водство на Ердоган доживеала голем напредок, додавајќи дека токму поради тоа турскиот народ и на овие избори ја покажал својата доверба во својот лидер. Во разговорот двајцата лидери ја повторија важноста на пријателските и братските односи меѓу двете земји.

На Ердоган му честиташе и претседателот на Узбекистан Шавкат Мирзијоев.

Како што соопштија од кабинетот на претседателот на Узбекистан, Мирзијоев во телефонски разговор му честитал на Ердоган за успехот на претседателските и парламентарните избори.

Мирзијоев посочи дека изборните резултати укажуваат на широката поддршка на народот на Турција за политичките промени и економските реформи постигнати под водство на Ердоган.

Двајцата лидери разговараа и за зајакнување на стратешкото партнерство меѓу Узбекистан и Турција.

Претседателот на Врховната изборна комисија на Туркије (YSK) Ахмет Јенер рече дека, според податоците собрани до 9:45 часот по локално време (08:45 часот по средноевропско време), актуелниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган освоил 49,40 отсто, а кандидатот на опозицијата Кемал Киличдароглу 44,96 отсто од гласовите.

Јенер во своето обраќање пред новинарите ги претстави најновите податоци за резултатите од претседателските и парламентарните избори одржани во неделата.

„Од вкупно 192.214 гласачки кутии во земјава, до 9.45 часот се отворени 192.187, што е околу 99 отсто. Во моментов во земјава не се отворени 27 гласачки кутии. Од 9.594 гласачки кутии во странство отворени се 8.065 или 84,06 отсто од гласачките кутии“, рече Јенер и додаде:

„Според овие податоци, до 9 часот и 45 минути Реџеп Таип Ердоган освоил 49,40 отсто од гласовите, Кемал Киличдароглу 44,96 отсто, Синан Оган 5,2 отсто, а Мухарем Инџе 0,44 отсто.

Граѓаните на Турција во неделата гласаа на редовните претседателски и парламентарни избори, избирајќи меѓу тројца претседателски кандидати и 24 политички партии и 151 независен кандидат за новото Големо национално собрание, кое има вкупно 600 пратенички места.

ИЗВОР: ТРТ БАЛКАН