Марш во центарот на Скопје по повод Денот на независноста на Украина

По повод независноста на Украина, амбасадата на Украина и Здружението на Украинците „Лесија Украинка“ денеска организираа прослава во центарот на Скопје, каде се одржа марш, кој започна во паркот „Жена воин“ и заврши пред „Украина Алеја“ каде се пееше химна на Украина.

На овој настан говореа амбасадорката на Украина, Лариса Дир, градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски и претседателот на Здружението на Украинците „Лесија Украинка“, Олександр Урбанович.

По повод Денот на независноста на Украина беше организирана изложба на украински детски цртежи под наслов „Деца на војната“.

Како што претходно информираа од Амбасадата на Украина, овој ден се одбележува втора година по ред во услови на севкупна војна меѓу Русија и Украина. Руските трупи започнаа инвазија на Украина по копно, воздух и море на 24 февруари минатата година, 2022 година, која сè уште е во тек. Овој напад е окарактеризиран како најголема агресија на една држава врз друга држава во Европа од крајот на Втората светска војна.