Медал за заслуги за Република Македонија за шест странски македонисти

 Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска на свеченост со Медал за заслуги за Република Македонија одликуваше шест странски македонисти – Зузана Тополињска, Златко Крамариќ, Јоуко Линдстет и постхумно Јежи Русек, Кшиштоф Вроцлавски и Далибор Брозовиќ. 

-Им велиме благодарам на шестмина заслужни странски македонисти. Велам странски, иако тие се и наши, бидејќи секој оној што го посветил животот на проучувањето и промовирањето на македонското јазично богатство, на нашата комплетна татковина, не може да биде сметан за туѓинец, ами за нашинец, рече Пендаровски додавајќи дека за славистите македонскиот јазик отсекогаш бил предизвик и научен, и личен.

За академик Тополињска претседателот рече дека е еден од најголемите афирматори на македонскиот јазик во Полска и во светот. Ја нарече „прва дама на македонистиката“ која, рече, толку се соживеала со македонистиката што веќе 40 години живее и работи во земјава, стекна македонско државјанство и стана редовен член на МАНУ, каде што со години раководеше со Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“.

Топољинска не беше присутна на свеченоста и Медалот во нејзино име го прими и се заблагодари академик Катица Ќулавкова. 

-Да го кажам она што таа синоќа во разговорот ми го кажа зашто не  е тука да рече „јас сум Македонка“. Таа е по род Полјачка, меѓутоа се чувствува како Македонка  затоа што е де факто натурализирана Македонка. Околу половина од својот живот го поминува тука и ја продолжува традицијата на нашите големи лингвисти како Божидар Видоевски и Блаже Конески, рече Ќулавкова. 

Медал му беше врачен на финскиот славист, професорот Јоуко Линдстет од Универзитетот во Хелсинки, најистакнат македонист во скандинавските земји. Во 2003 година, во грчката патријаршиска библиотека во Александрија, го открил Кониковското евангелие од крајот на 18 или почетокот на 19 век кое, како што рече Пендаровски, е алката која недостасуваше во генеологијата на македонскиот јазик. 

Проф. Линдстет кој славистика студирал во 1970-тите години и вели дека „македонистиката го избрала него, а не тој неа“, изјави дека дури и кога станал професор по словенска филологија се уште „немал поим“ дека еден ден ќе го сметаат за македонист. 

-Чиста случајност беше тоа што токму фински научници во Александрија  го најдоа ракописот на Кониковското евангелие и јас добив исклучителна можност да го истражувам заедно со македонски колеги. Но, не само работата врз ова евангелие, туку и теренската работа меѓу Македонци во различни балкански земји е меѓу моите најубави спомени од целата моја кариера како славист. Сето тоа ќе го паметам кога ќе го носам овој медал, рече Линдстет заблагодарувајќи се за високото признание. 

Медал му беше врачен на Златко Крамариќ, еден од најдобрите познавачи на македонската книжевност во Хрватска и прв професор по македонска литература и култура на Филозофскиот факултет во Осијек. Од 2011 до 2015 беше и амбасадор на Хрватска во земјава, а пред девет години беше избран и за член на МАНУ надвор од работниот состав.  

-Поради својата љубов за македонскиот јазик и книжевност, амбасадорот Крамариќ плати и цена која се одрази и на неговата дипломатска кариера, рече шефот на државата во контекст на тоа што во 2018 не го добил потребниот агреман од бугарската Влада за хрватски амбасадор во таа земја иако, како што кажа на свеченоста, никогаш во животот не напишал ниту една антибугарска реченица. 

-Но, ете, бугарската страна во мене виде еден, ни помалку ни повеќе македонски националист. Тоа чувство за мене беше дотогаш непознато, но по негаторската констатација околу моите политички ставови сфатив дека сум бил на вистинскиот пат… Им благодарам на сите што во овие матни и не малку едноставни времиња препознаа во мојата работа еден мал и огромен придонес кон македонската кауза. Почитуван претседателе, со ова признание ме потсетивте дека мојата мисија не е завршена и дека и натаму има смисла да се работи на сите македонски теми и дилеми, на заемно задоволство, истакна Крамариќ.

Пендаровски посочи дека македонистите ја делат судбината на јазикот кој го проучуваат и дека македонскиот јазик не е само нивни научен, туку и личен предизвик.

-Речиси и нема македонист, особено од постарата генерација, кој не искусил непријатни притисоци од центри кои го негираат македонскиот јазик и идентитет. Илустративен е примерот на еден од втемелувачите на македонистиката во Хрватска, академик Далибор Брозовиќ, кој даде огромен придонес во проучувањето на македонскиот јазик и на неговите дијалекти. Како автор на бројни македонистички трудови, тој се борел за македонскиот јазик и кауза на многу меѓународни научни конференции, спротивставувајќи се на ненаучните бугарски тези против македонскиот јазик, народ и култура, рече Пендаровски.

Медалот за заслуги за покојниот македонист Брозовиќ го прими неговата ќерка, Дуња Брозовиќ, која истакна дека е познато колку нејзиниот татко  ја сакал Македонија и се залагал за добробит на македонскиот јазик. 

Вториот пример, рече Пендаровски, е поврзан со полскиот славист, бугарист и македонист Јежи Русек, професор на Институтот по словенска филологија при Јагелонскиот универзитет во Краков. 

-И покрај силниот политички притисок од тогашна Народна Република Бугарија, професорот Русек не дозволил да се укине предметот Македонски јазик на Универзитетот. Напротив, тој придонел да се одржи и заштити македонистиката и станал пионер во научната споредба меѓу бугарскиот и македонскиот јазик, рече Пендаровски. 

Медалот за заслуги за покојниот проф. Русек го прими амбасадорот на Полска во земјава, Кшиштоф Гжелчик, кој истакна дека е почестен што учествува на овој настан на кој се чествува македонскиот јазик и што неговата држава Полска го препознава и го промовира македонскиот јазик.

-Продолжуваме и натаму со тоа што македонскиот јазик се предава на нашите универзитети, но исто така и со издавање полска литература на македонски јазик овде, во вашата земја, рече Гжелчик. 

Уште еден полски македонист беше одликуван со медал постхумно – професор Кшиштоф Вроцлавски од Универзитетот во Варшава за кого шефот на државата рече дека пресуден момент во неговата  научна дејност било теренското истражување во Пештани каде што собрал околу 130 народни творби, од кои половината биле само од еден раскажувач.

-Соочен со богатиот македонски фолклор, професорот Вроцлавски толку ја засакал Македонија, што се посветил на македонската фолклористика и станал најистакнат странски истражувач и промотор на нашето народно творештво, рече Пендаровски. 

Медалот го прими неговиот внук Јан Киљински кој рече дека во последните години од животот неговиот дедо ја споделил со семејството љубовта што ја имал кон Македонија и македонскиот фолклор кои, рече, имаа главна улога во неговиот живот. 

-Тој ни кажа за неговото време во Скопје, за неговите истражувања во Пештани, за неговите пријатели од Македонија. Оваа награда е многу важна за семејството и многу значаен подарок за неговиот придонес што тој го има направено, рече внукот на македонистот Вроцлавски. 

Пендаровски порача дека научната дејност бара храбро спротивставување на непринципиелните и ненаучни притисоци. 

-Затоа сум длабоко уверен дека овие медали за заслуги би можеле да ги сметаме и за медали за храброст. Македонистите ги крепи недвосмислениот факт дека во меѓународната научна заедница, местото и важноста на македонскиот јазик и на неговите дијалекти никогаш не биле доведени под прашање, рече шефот на државата.