Метеоролошки феномен во Шпанија – земјата ја чекаат 40 степени Целзиусови во месец април: “Отворете ги базените!“

Шпанија годинава ќе ги отвори своите јавни базени порано од вообичаено поради исклучително високите пролетни температури и стравувањата од сериозен топлотен бран ова лето. 

Регионалната Влада на градот Мадрид објави дека нејзините јавни базени ќе бидат отворени на 13. мај оваа година, еден месец порано од вообичаеното, а воведуваат и посебни мерки во образованието и здравството поради ова.

Многу делови од Шпанија се подготвуваат за рекордно високи температури за месец април, а во некои делови се предвидува дека ќе се искачат над 40 степени Целзиусови.

Температури од над 30 степени беа измерени во делови од централна и јужна Шпанија во вторникот и се прогнозира дека ќе продолжат да растат кон викендот.

Достигнувањето на 40 степени би било апсолутно несекојдневно за април. Веројатно се соочуваме со најтоплиот период забележан во април од почетокот на мерењата на температурата“, изјавил Рубен дел Кампо, портпарол на шпанската метеоролошка агенција.

Мардид, Шпанија

Сегашната рекордна априлска температура во Шпанија беше 37,4 степени во Мурсија во југоисточниот дел на земјата измерена во 2011 година.

Британските туристички компании забележаа зголемување на бројот на луѓе кои сакаат да одат на продолжен викенд патување во Шпанија.

Видовме голем пораст на луѓе кои сакаат да патуваат за празниците. Главна дестинација се Канарските Острови, а потоа следува Шпанија. Одличен период од годината е да избегате од секојдневието. Со два државни празници, тие можат да комбинираат одмор во кој ќе треба да земат само неколку слободни денови“, изјавила Јулија ло Буе-Саид, извршна директорка на партнерството за патување Advantage.

Сепак, Шпанија страда и од тешка суша, која наметна ограничувања за наводнување и користење на домашна вода во многу области. Каталонија, еден од најтешко погодените региони, забрани полнење на сите базени, но попушти по протестите и ќе дозволи користење на комунални базени и јавни објекти.

Резервоарите во провинцијата Барселона моментално имаат капацитет од 14 проценти, додека националното ниво на водоснабдување е 50 проценти – многу под просекот за овој период од годината.

Регионалната Влада на Мадрид во среда треба да донесе серија мерки за да помогне во ублажувањето на ефектите од екстремните температури, вклучително и предвременото отворање на јавните базени.