Меџити очекува да му се придружат и други пратеници во новото политичко движење

– Пратеникот Изет Меџити кој завчера соопшти дека со Мерита Коџаџику излегуваат од ДУИ и ќе формира ново политичко движење, на кое се придружува и независниот пратеник Кастриот Реџепи, изјави дека тројцата ќе гласаат за уставните измени. 

-Нема дилема како ние тројца ќе гласаме. Ќе гласаме за уставните измени, тие ни се топ приоритет и главен фокус зашто единствена алтернатива е интегрирање во ЕУ, да се спречи иселување на младите и да имаат перспектива овде, во земјава. Од епилогот на уставните измени ќе зависи како ќе се движи државата натаму, рече Меџити вечерва во интервју за ТВ24. 

Доколку не успеат уставните измени, рече Меџити, „се отвора пат да се размисли дали да се оди на предвремени или на редовни избори“ и дека тие ќе немаат проблем и ако се распишат брзи избори.

Новиот субјект во албанскиот политички блок што го иницирале, кој се уште нема име, е опозициски ориентиран, но рече дека ќе ги поддржуваат сите предлози на власта што се во интерес на граѓаните.

Меџити очекува да се зголеми поддршката со приклучување и на други пратеници и одговори потврдно дека тие може да се и од редовите на власта.

-Во моментов сме тројца, има разговори за приклучување на други, не мора да значи само од ДУИ, изјави Меџити.

Имал средби и со лидерите на опозициските Беса и Алтернатива, Билал Касами и Африм Гаши, и не гледа, како што рече, пречка за поинтензивна соработка и обединување околу идеи и понуда со што ќе ги привлечат гласачите, да изградат заедничка платформа и опозициски албански фронт.

За тоа што избрал да излезе од ДУИ наспроти другите од „Огнената група“ кои останале фракција во партијата на Али Ахмети, Меџити одговори дека избрале различни патишта и дека тој се одлучил на ваков чекор затоа што „ДУИ има изгубено контакт со реалноста“.

Од 2020 година, рече, направиле се за да не дојде до оваа ситуација, исцрпени биле се сите можности и им е затворена вратата да делуваат како фракција во партијата. 

На обвинувањата од довчерашните истомисленици во „Огнената група“ дека „одработувал“ за ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, рече дека не гледа спорно да комуницира со актуелни партиски лидери, а дека некои од тие што го обвинуваат треба да кажат за нивната комуникација со Груевски и Мијалков.

Прашан за коментар за денешната полициска акција во која е уапсен Исмет Гури, поранешен функционер во УЈП, Меџити одговори дека не навлегува во предметот, но дека „тајмингот е избран за дефокусирање и за притисок“.

-Веќе не можам да го препознам ДУИ. Тоа е  демократура – комбинација на демократија и диктатура. Очекувано е се во овој период, политички притисок и дефокус од мега скандалите и коруптивните зделки и тоа што вршат притисок врз правниот систем – судството и обвинителството, рече Меџити. 

На прашањето дали помислува дека и самиот може да биде приведен, одговори „Мислам дека не забегале до толку“.