НБА почна истрага против Далас

Американската професионална кошаркарска НБА лига соопшти дека отворила истрага против екипата на Далас, која во претпоследниот натпревар од регуларниот дел на сезоната одлучи да одмори неколку клучни играчи, иако сè уште имаше шанси да обезбеди пласман на плеј-ин турнирот.

Далас го загуби натпреварот од Чикаго (112-115) во кој воопшто не настапи Кајри Ирвинг, а Лука Дончиќ одигра само едно полувреме, и со тоа тимот од Тексас не избори пласман во разигрувањето за титулата за прв пат од 2019 година.

Тренерот на Далас, Џејсон Кид, рече дека станува збор за одлука на клупските челници, кои процениле дека е подобро да го имаат 10. избор на НБА драфтот, отколку да се борат за место во разигрувањето.

НБА претходно ги предупреди тимовите да не калкулираат.

„НБА почна истрага за фактите и околностите во врска со одлуките на Далас за составот на тимот и однесувањето по врзани со натпреварот против Чикаго, вклучувајќи ги и мотивите кои стојат зад тоа“, изјави портпаролот на лигата, Мајк Бас.