Новак Ѓоковиќ целосно отворено и без влакна на јазикот за ‘кам-бекот’ на Рафаел Надал: “Не се враќа само да игра! Знам што му е намерата!“

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал не е тип кој се враќа на теренот само за да игра, туку со намера да го освои Грен Слем трофеј, смета тенисерот број еден во светот, Новак Ѓоковиќ.

Рафаел Надал нема играно од јануари и повредата на Австралија Опен, а на теренот се враќа за неколку дена во Бризбејн, на турнирот кој започнува в недела.

Рафаел Надал изминативе денови зборуваше за враќање на теренот и изјави дека по повредата на колкот не може да гарантира дека ќе биде 100 отсто подготвен.

Секогаш очекувам од него да го даде својот максимум. Некои луѓе често велат дека е при крај, како што велат за мене. Но, ние им докажавме дека грешат. Тој не е тип кој ќе се врати само за да игра, да речеме во просечно ниво, да одигра само уште неколку натпревари“, изјави Новак Ѓоковиќ на новинарите во Ријад.

Тој сака да освојува титули, сака да биде најдобар и затоа е тоа што е – легенда на нашиот спорт. Сигурен сум дека тренинзите и подготовките беа направени со намера да се освои Грен Слем“, додава Србинот.

Новак Ѓоковиќ со 24 трофеи го држи рекордот по бројот на Грен Слем титули, а зад него е токму Рафаел Надал со 22, а потоа Швајцарецот Роџер Федерер кој остана на 20 големи титули.

Новак Ѓоковиќ денеска ќе одигра егзибициски натпревар во Ријад против младиот Шпанец, втор на АТП листата, Карлос Алкараз.

Карлос Алкараз исто така беше прашан за враќањето на Рафаел Надал.

Мислам дека е подготвен. Ги гледав видеата од неговиот тренинг, тој е на 100 проценти. Другите тенисери кои тренираа со него во последните недели ми рекоа дека ќе се врати на своето добро ниво. На неговото најдобро ниво. Мислам дека е подготвен да направи големи работи оваа година“, порача Карлос Алкараз.