Норвешка издвојува 140 милиони евра за муниција

– Норвешкиот премиер Јонас Гар Стјоре изјави дека Норвешка ќе одвои 140 милиони евра за иницијативата поведена од Чешка за обезбедување муниција за Украина.

Премиерот Стјоре во соопштението наведе дека на Украина итно ѝ е потребно големо количество муниција за да ѝ се спротивстави на Русија и дека ќе одвои 1,6 милијарди норвешки круни (140 милиони евра) за иницијативата за набавка на муниција за Киев.

Нагласувајќи дека недостигот на муниција ја ограничува моќта на Украина за самоодбрана, Стјоре рече дека набавката на муниција ќе му даде на Киев поголеми можности да им се спротивстави на насилните напади.

Во соопштението на норвешката Влада се истакнува дека покрај донирањето муниција од сопствените резерви на норвешките вооружени сили, тие соработувале и со Данска во собирањето муниција за Украина.

Чешка поведе иницијатива за купување тенкови и артилериски гранати од целиот свет за Украина. Според „Фајненшл тајмс“, како дел од оваа иницијатива Украина ќе добие муниција во вредност од 1,5 милијарди долари, односно околу 1,37 милијарди евра.

Причината за недостигот на муниција со кој се соочува Украина е тоа што американскиот Конгрес сè уште не го одобрил пакетот што содржи воена помош за Украина.