ОН: Одгледувањето опиум во Мјанмар се зголеми за 33 отсто откако војската ја презеде власта

Обединетите нации денеска објавија дека во Мјанмар е забележано значително зголемување на одгледувањето опиум откако војската ја презеде власта во 2021 година, пренесува Анадолија.

Во најновиот извештај, Канцеларијата на ОН за дрога и криминал (UNODC) наведува дека одгледувањето опиум е зголемено за 33 отсто од военото преземање на власта во оваа земја во Југоисточна Азија.

„Првата целосна сезона од военото преземање покажува зголемување од 33 отсто на обработлива површина на 40.100 хектари и 88 отсто зголемување на потенцијалниот принос до 790 тони. По умереното зголемување на обработливата површина од два отсто и принос од четири отсто во текот на 2021 година, резултатите за 2022 година потврдуваат дека во тек е значително проширување на опиумската економија во Мјанмар“, се вели во извештајот на УНОДЦ.

Регионалниот претставник на UNODC Џереми Даглас рече дека економските, безбедносните и управувачките нарушувања по военото преземање ги оставиле фармерите во оддалечените области склони кон конфликти во државата Шан и пограничните држави без друг избор освен да се вратат на опиумот.

Според извештајот, најголем пораст на обемот на производство е забележан во државата Шан, 39 отсто, потоа државите Чин и Кајах со зголемување од 14 и 11 отсто, додека одгледувањето во Качин се зголемило за умерени три отсто.

Цената што им се плаќа на земјоделците е зголемена за 69 отсто во текот на изминатата година на околу 280 долари за килограм.

– Растот што го гледаме во бизнисот со дрога е директно поврзан со кризата со која се соочува земјата. Влијанието врз регионот е големо, а соседните земји мора да ја решат ситуацијата и да разгледаат тешки опции, рече Даглас.

Регионалната вредност на трговијата со хероин во Мјанмар е околу две милијарди долари.

– Без алтернативи и економска стабилност, веројатно е дека одгледувањето и производството на опиум ќе продолжи да се проширува, рече Бенедикт Хофман, директор на UNODC во Мјанмар.