Ослободени 39 палестински жени и деца држени во израелските затвори

– Во рамките на договорот за размена на затвореници меѓу Израел и Хамас, од израелските затвори ослободени се 39 палестински затвореници, 24 жени и 15 деца.

Набргу откако првата група од 13 заробеници ослободени од Хамас пристигна во Израел, 39 палестински затвореници од затворот Офер на окупираниот Западен Брег беа предадени на претставници на Меѓународниот комитет на Црвениот крст.

Стотици Палестинци се собраа пред затворот Офер во градот Рамала на Западниот Брег за да ги пречекаат затворениците.

Припадниците на израелската војска ги растераа Палестинците кои чекаа пред затворот со солзавец и шок-бомби. Палестинците одговорија со фрлање камења кон израелските сили.

Десетици Палестинци беа погодени од солзавец, на кои им беше пружена лекарска помош.

Според договорот за хуманитарна пауза во Газа, вкупно 50 Израелци кои ги држи Хамас ќе бидат ослободени во замена за 150 палестински затвореници од израелските затвори.

Четиридневната хуманитарна пауза меѓу израелската војска и Хамас стапи на сила утринава во сите области на Појасот Газа, привремено запирајќи ги нападите за размена на затвореници и влез на хуманитарна помош во енклавата.

Од почетокот на израелските напади врз Газа на 7 октомври загинаа 14.854 Палестинци, од кои над 6.150 деца и повеќе од 4.000 жени.

Во Израел загинаа 1.200 луѓе, од кои над 310 војници, додека 5.132 лица беа повредени.