Османи во посета на Генералниот конзулат во Венеција: Кризата со зголемените барања за нови патни исправи, ќе ја надминеме со најдобра можна реорганизација

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи вчера го посетил Генералниот конзулат на Република Македонија во Венеција, каде што е направена дополнителна реорганизација на работата со цел излегување во пресрет на што е можно поголем број наши државјани и скратување на нивното време на чекање за подигање нови патни исправи.

Како што соопштија од МНР, од сега, Генералниот конзулат во Венеција, ќе работи во две смени, како и во сабота и недела, а ова работно време ќе трае се до нормализирање на ситуацијата и намалување на барањата на нашите државјани за конзуларни услуги.

Мобилната станица, која се користи во Конзулатот во Венеција, како што се посочува, согласно однапред утврден распоред се користи и во Амбасадата на Република Македонија во Рим и во Малта.

Министерот Османи, се наведува, побарал од дипломатите во претставништво да вложат повеќе напори, со цел да се скрати времето на чекање при поднесување на барање и подигнување на патните исправи.

-Комодитетот на нашите државјани кога доаѓаат во Конзулатот како и брзите и ефикасни услуги, претставуваат приоритетна задача за сите нас. Има бројни предизвици, но мора да се организираме на најдобар можен начин. Ова е вонредна состојба, меѓутоа причината за што постојат претставништвата е токму олеснување и надминување на постапките преку дополнителен ангажман, истакнал Османи.

Воедно, Османи разговарал со наши државјани, кои чекале пред Конзулатот за нивни потреби, со цел, се наведува, лично од нив да слушне кои се проблемите со кои се соочуваат и како сметаат дека би било подобро за на сите да им се олесни работата.

На прашање од наш државјанин дали може со старите пасоши да се вратат во земјава, Османи истакнал дека тоа е можно, но оти најдобро е да извадат патен лист.

-Може, само ризично е, на пример ако имаш само седум дена одмор од работа, да не го добиеш таму во Скопје, а не можеш да се вратиш. Значи можеш да одиш, најбезбедно е да земаш патен лист кој сега може да го добиете бесплатно, рекол Османи. 

Со зголемување на бројот на барањата за конзуларни услуги од страна на нашите државјани кои живеат во странство, Министерството за надворешни работи целосно ја реорганизираше работата на дипломатко-конзуларните претставништва, преку зајакнување на капацитетите со дополнителни дипломати, со воспоставување во функција на дополнителни мобилни станици за сликање за нови патни исправи и преку работа во две смени и работење во сабота и недела, наведуваат од МНР.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, вчера престојуваше во Берн, Швајцарија, каде што во Амбасадата на Македонија донесе дополнителна мобилна станица за фотографирање, за да се забрза процесот на издавање на парни исправи на нашите државјани. Дополнителна мобилна станица за фотографирање, Османи завчера однесе и во конзуларното одделение во Бон, Германија.