Османи: Северна Македонија не го дочека Лавров во национално својство, тој дојде во ОБСЕ

– Актуелниот претседавач со Организацијата за безбедност и соработка (ОБСЕ) и министер за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, изјави дека земјата имала историско претседавање со најголемата регионална безбедносна организација во светот.

Изминатите два дена во Скопје се одржа 30. Министерски совет на ОБСЕ на кој учествуваа вкупно 76 делегации, од кои 57 земји-учеснички во организацијата.

Актуелниот претседавач Османи заедно со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид, и министерот за надворешни работи на Малта, Јан Борг, говореа на завршната прес-конференција на 30. Министерски совет.

Тој рече дека на Министерскиот совет се постигнал потребниот компромис за ОБСЕ да продолжи со важната работа.

„Ја спасивме организацијата и нејзината функционалност за доброто на луѓето. Сите земји учеснички се согласија Малта да биде нов претседавач за следната година, а имплементиран е и планот за време на претседавањето на Северна Македонија. Успеавме да ги продолжиме мандатите на четирите главни лидерски позиции на ОБСЕ – генералниот секретар и шефовите на трите автономни институции“, рече Османи, посакувајќи ѝ на Малта „помалку предизвикувачка година“ отколку што имаше Северна Македонија за време на нејзиното претседавање.

Тој нагласи дека претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ било во исклучителна година и период кога „сме сведоци на отворена војна против Украина“.

„Луѓето, особено оние кои имаат потреба, во Украина и во другите конфликтни зони, беа во фокусот на нашата посветеност. Во овој напор бевме водени и инспирирани од нашето искуство како мултиетничко општество, како држава која, како што кажав претходно, се има соочено со предизвици од секаков вид. Овие предизвици ни помогнаа да ја поттикнеме културата на дијалогот и разбирањето меѓу нас внатре, но и со нашите соседи, и компромисот да го сметаме за сила, а не за слабост“, рече Османи.

На неформалната вечера што беше организирана во средата во чест на гостите, присуствуваше и државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, а потоа ја напушти земјата, пропуштајќи го официјалниот дел на Министерскиот совет што се одржаа во текот на вчерашниот и денешниот ден.

Вчера наутро за Министерскиот совет во Скопје допатува и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, а поради неговото присуство отсуствуваа шефовите на дипломатиите на балтичките земји и на Украина, Дмитро Кулеба, кои најавија дека го бојкотираат 30. Министерски совет на ОБСЕ.

Одговарајќи на новинарски прашања, Османи рече дека Лавров не дошол во Скопје во официјална посета, туку само за да учествува на Министерскиот совет.

„Руската Федерација, како што реков деновиве, или министерот Лавров, не дојде во Скопје, не дојде во Северна Македонија, а јас не го дочекав во мое национално својство или Северна Македонија не го дочека во наше национално својство. Тој дојде во ОБСЕ исто како што пред неколку месеци отиде во Обединетите нации во Њујорк, и нема разлика меѓу двете“, рече Османи.

„Денеска е успех за ОБСЕ“

Генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид, во своето обраќање упати благодарност до министерот Османи за работата што ја реализирал во текот на претседавањето.

Таа рече дека одлуките донесени од земјите учеснички во Скопје ќе овозможат ОБСЕ да продолжи да работи за поддржување на стабилноста, безбедноста, основите човекови права и слободи во сите зони на ОБСЕ.

„Ова не се однесува на нас. Ние сме тука за да им служиме на целите на организацијата. Денеска е успех за ОБСЕ. Во актуелните околности, наоѓањето заеднички јазик за која било тема е предизвик и нема да се преправам поинаку“, нагласи таа, додавајќи дека сите 57 земји учеснички одлучиле да ја изберат Малта за претседавач со организацијата во текот на 2024 година.

Шмид упати апел за итно ослободување на тројцата членови на персоналот на ОБСЕ во Доњецк и Луганск, кои се во притвор повеќе од 600 дена.

– Следната година Малта го презема претседавањето со ОБСЕ

Северна Македонија претседаваше со ОБСЕ во 2023 година, а работата се одвиваше под слоганот „За луѓето се работи“. Следната година претседавањето со ОБСЕ ќе премине на Малта.

Министерот за надворешни работи на Малта, Јан Борг, рече дека ОБСЕ е формирана врз основа на заеднички принципи и вредности и дека е инклузивна платформа за ефективен дијалог.

„Мораме да се фокусираме на ставање крај на војните и конфликтите. Руската војна на агресија против Украина мора да престане. Додека го продолжуваме ова патување заедно се обврзуваме да ги исполниме нашите должности и обврски во времето што претстои во духот на принципите на завршниот акт на Хелсинки“, рече Борг.

Како претседавач со ОБСЕ следната година, министерот за надворешни работи на Малта рече дека со нетрпение очекува да работи рамо до рамо со сите партнери за „засилување на дијалогот за мултилатерализмот да може да ја направи промената што е потребна.“

Со медиумската конференција и завршниот панел, заврши 30. Министерски совет на ОБСЕ што се одржа во Скопје.