Пендаровски во Демир Капија, Росоман и Градско: Како претседател не се однесував дискриминаторски кон ниту еден граѓанин, работев за подобар стандард

– Кандидатот на СДСМ и Коалицијата Стево Пендаровски денеска оствари средби со граѓани на Демир Капија, Градско и Росоман, на коишто посочи дека во изминатите години како претседател на државата не се однесувал дискриминаторски кон ниеден граѓанин, додавајќи оти тој заедно со актуелната владејачка гарнитура, работел за подобар животен стандард на сите граѓани.

Пред граѓаните на Демир Капија, осврнувајќи се на кампањата на неговата опонентка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова, кажа дека отсуствувала од закажани митинзи и средби со граѓани и оти според него,  такво бегање од соочување со граѓаните не доликува на некој кој претендира за највисоката функција во државата.

-Ние сме сега влезени во трка формално за највисока функција во државата. Според Устав, претседателот на државата е и врховен командант на вооружени сили. Тоа значи нема повисоко од тебе. Кога ти уште во кампања носиш други луѓе да зборуваат наместо тебе, па како утре ќе бидеш претседател? Еве ти даваме власт, ти даваме позиција, тие двајца што дошле да зборат, тие ли ќе бидат претседатели во сенка? А, ти само ќе бидеш кукла или во излог ставен и ќе викаш „јас сум претседател ама што викаат слика има, тон нема.“ Не сакам да шпекулирам за мотивите, ама јасно ми е. Тоа е исто како јас да кажам дека имам неколку другари овде и соработници кои се со мене со години и да речам сега „за ова прашање, момент, тој ќе ти одговори“. Не ја бива таа работа. Или си претседател или не си, подвлече Пендаровски пред граѓаните на Демир Капија.

Тој потоа имаше средба и со граѓаните на општините Градско и Росоман, посочувајќи дека во изминатите години како претседател на државата не се однесувал дискриминаторски кон ниеден граѓанин.

Осврнувајќи се на понудата од опозицијата, Пендаровски истакна дека во опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема никаква промена, оти тоа е партија каде уште е присутна истата матрица на Никола Груевски.

-Тие не се извинија за 27 април и за тепањето на пратеници. Напротив, тие сега сакаат да ги амнестираат. Без усул и достоинство се овие луѓе. Ова се „децата“ на Никола Груевски и Македонија ја разбираат како акционерско друштво, истакна тој.

Тој повтори дека неговата противкандидатка Силјановска – Давкова не се појавува на однапред закажани средби со граѓани во сопствената кампања и ги повика граѓаните на 24 април да гласаат за бројот еден.

-На 24 април гласајте за бројот еден и на гласачкото ливче, но и во реалниот живот, нагласи Пендаровски.