Повеќе шумски пожари во Теарце и Боговиње

 Тетовските пожарникари интервенираа на повеќе шумски пожари во Теарце и во Боговиње, изминатите денови. Според командирот на Територијалната противпожарна единица Тетово, Авни Амети, со пожар биле зафатени повеќе хектари.

– Секоја вечер се појавуваат пожари и имаме многу интервенции на отворено над Теарце и над Боговиње. Дај Боже да падне дожд, па да бидеме посмирени, навистина ми е уморна цела екипа од секојдневните интервенции. Дваесетина пожари во текот на изминативе пет дена се изгасени со брза интервенција, за да се стават под контрола и да се избегнат состојби како во Грција, изјави командирот.

Тој рече дека летово, состојбите покажале оти мора да се направат промени во оваа дејност, со цел поефикасно работење на пожарникарите. За да имаат повеќе средства за работа, како што се посочува, се смета дека е добро Владата да го централизира финансирањето на пожарникарските единици.

– Воедно, мора да се дисперзира пожарната, да бидеме поблиску до граѓаните на општинско ниво. Владата да преземе централно раководење со пожарникарите на државно ниво. За секој поголем пожар, ние мораме да бараме помош од Дирекција за заштита и спасување и Центар за управување со кризи, подвлече Амети.