Прилепскиот кризен штаб побара упатства за дојавите за бомби во училиштата

Прилепскиот кризен штаб побара и очекува упатства како да се справат со најавите за бомби. Особено откако во текот на вчерашниот ден имаше дојави со различен карактер во две основни училишта, во ОУ „Гоце Делчев“ и во ОУ „Блаже Конески“.

Во основното училиште „Гоце Делчев“ имаше на двапати дојави, претпладнето и при попладневната училишна смена, но со закана дека, наводно, ќе се пука со оружје во задниот дел од училиштето, во прозорците. Ова го потврдија од основното училиште „Гоце Делчев“ каде и изутринава нема настава и е евакуирано по дојавата за поставена бомба.

Различната содржина на заканите предизвика кризниот штаб кој ја следи состојбата да побара подетални инструкции од Владата и ги очекува во текот на денов.