Путин се надева на мирно решение: Рускиот претседател првпат зборуваше за Нагорно Карабах (фото)

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека се надева на мирно решение на конфликтот во Нагорно Карабах.

– Во многу близок контакт сме со страните во конфликтот. Се надевам дека можеме да постигнеме деескалација и мирно решение на проблемот – рече Путин, пренесе руската државна телевизија.

Не беше прецизирано дали Путин ја дал изјавата пред или по договорот за прекин на огнот во Нагорно-Карабах кој стапи на сила откако ерменските сепаратисти се согласија да го спуштат оружјето и да преговараат за реинтеграција на територијата во Азербејџан.

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан изјави дека неговата земја не учествувала во изготвувањето на договорот за прекин на огнот.

– Ја забележавме одлуката на властите во Карабах да ги прекинат непријателствата и да го положат оружјето. Многу е важно борбите да престанат – рече тој на телевизија, додавајќи дека Ерменија веќе нема воени единици во регионот од август 2021 година.