Се преврте едрилица во Охридското Езеро, полицијата спаси три лица

Полицијата за граничен надзор „Охридско Езеро“ денеска интервенираше за спасување при настанатата ситуација со поплавување на едрилица во водите на езерото.

Интервенцијата продолжила откако претходно околу 17:45 часот на СВР Охрид било пријавено дека во водите на Охридското Езеро е поплавен пловечки објект.

Околу 18 часот пловечкиот објект бил пронајден на два километри од брегот и потврдено е дека се работи за поплавување на едрилица во која имало три лица.

Како што информираше портпаролот на СВР – Охрид, Стефан Димовски, лицата на возраст од 53, 50 и 49 години, сите од Скопје, се затекнати во добра здравствена состојба, без повреди, а според нивните сведочења, причина за несреќата е силниот ветер.

Екипите на езерската полиција го вратија поплавениот чамец во плутачка состојба, а луѓето беа испратени во сместувачкиот објект.