Спасовски: Ретроградните процеси нема да донесат ништо добро

 – Ретроградните процеси нема да донесат ништо добро. Мораме да градиме добри меѓусебни односи, бидејќи не можеме да живееме во историјата. Засега официјалната порака на Бугарија е дека ја поддржува македонската држава и македонскиот народ, како што ние ги поддржуваме добрососедските односи и зајакнувањето на соработката, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

-Отворањето на бугарски клубови именувани по нацисти ги навредува националните чувства на македонскиот народ и овој проблем не треба да се релатизивира. Затоа Владата создаде тело кое ги разгледува сите иницијативи со цел создавање механизми за правна заштита од вакви провокации. За да одиме напред, мора да го почитуваме минатото. Никој не може да го оспори фактот дека РСМ се роди од придонесот на НОБ и антифашистичкото движење. Бугарија беше дел од фашистичката оска – тоа е историски факт, а сега бараат да не се нарекуваат фашисти. Сепак, мораме да имаме визија за иднината на државата, на граѓаните и да се движиме кон неа, истакнува Спасовски во денешното интервју за белградска „Политика“.

Посочува дека со членството на Северна Македонија во НАТО и стратешкото партнерство со САД е заштитен националниот идентитет.  Уверен е дека ќе гарантираме безбедност и стабилност на територијалниот интегритет на државата и на регионално ниво, само со заокружување на евроатлантските интеграции на регионот.

За иницијативата „Отворен Балкан“, односно колку е олеснет преминот на стоки и кога може да се очекува проток на луѓе без задржувања на граничните премини, Спасовски вели дека се подготвуваат и софтверски решенија за електронска контрола на патниците.

– Оваа иницијатива е плодна почва за историски чекори напред и ни овозможува да го олесниме слободното движење на луѓе, стоки и услуги, да отвориме нови пазари, да ги подобриме добрососедските односи, а напредокот на регионот е чекор напред кон вредностите на ЕУ. Големи придобивки овозможуваат полесниот проток на стоки, а се подготвуваат и софтверски решенија за електронска контрола на патниците. Со Србија е потпишан Меморандум за разбирање меѓу владите за мерки за подобрување на движењето на луѓе и стоки преку државната граница, особено Табановце-Прешево, намалување на гужвите особено за време на туристичката сезона. А пред три месеци го потпишавме Протоколот за начинот на вршење гранични проверки на заедничкиот граничен премин Лојане-Миратовац, посочува Спасовски.

Соработката со Србија, ја оценува како одлична, без отворени прашања. 

– Одлична е и меѓусебната соработка на полициско ниво, преку размена на оперативни сознанија и заеднички активности, како и сузбивање на прекуграничниот криминал. Изминатиот период беше одбележан со интензивна соработка преку иницијативата „Отворен Балкан“, како и преку Берлинскиот процес, а предизвиците од економската и енергетската криза ги надминавме и билатерално. Потпишавме заеднички договори во областа на енергетиката и инфраструктурата, што отвора нови перспективи. Од економски аспект, Србија е четврти трговски партнер на РСМ. Секако, сето тоа може да се подобри за да има уште попозитивни ефекти за двете земји, вели Спасовски.

Прашан за влијанието на договореното во Охрид за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, Спасовски со став дека крајно време е да станеме пример за безбеден регион, без отворени прашања и со добрососедски односи и посилна регионална соработка.

-Премногу конфликти и војни го попречија развојот на нашиот регион и нашите земји. Јасно е дека безбедноста е основа за развој на една земја, но и на еден регион. Уморни сме да не нарекуваат „буре барут“. Позитивниот исход во односите меѓу Косово и Србија има одлучувачко влијание во целиот регион. Договорот за нормализирање на нивните односи беше оценет како огромно достигнување со регионален придонес. Крајно време е да станеме пример за безбеден регион, без отворени прашања, со добрососедски односи и посилна регионална соработка. На крајот на денот, сите имаме една цел – да бидеме дел од европското семејство, да ги имплементираме европските вредности и да обезбедиме подобар животен стандард за граѓаните, подвлекува Спасовски.

Во интервјуто, Спасовски се осврнува и на темата за уставните измени, со оценка дека „лицемерно е само декларативно да се каже дека сакаме влез во ЕУ, без да сносиме политичка одговорност“.

-Опозицијата мора да се аклиматизира на европското поднебје и да се прилагоди на европските услови, да се ангажира и самокритички да ги преиспита своите постапки. Не е разбирлива политичката нефлексибилност со која се турка некаков архаичен модел, а покрај тоа опозицијата покажува неодлучност и немање визија, вели Спасовски, додавајќи дека иако „вклучувањето“ на Бугарите во Уставот на многумина им е трн во око, тоа е можност конечно да се „закопа“ тезата дека ние и тие сме еден народ.