„Странска земја“ се подготвува за инвазија? Затворен воздушен простор

Воената хунта во Нигер објави дека, како што се наведува, „странска земја“ се подготвува да изврши инвазија на нејзина територија, без да прецизира за која земја станува збор.

Според агенциите, воздушниот простор на земјата е веќе затворен, што воената хунта најави дека ќе го направи поради ултиматумот на Економската заедница на западноафриканските нации (ECOWAS).

Веб-страницата за следење летови Flightradar24 покажува дека моментално нема авиони на небото над Нигер, објави британската телевизиска мрежа Би-Би-Си.

Претходно, ECOWAS даде рок од една недела за соборениот претседател Мохамед Базум да се врати на власт во Нигер, во спротивно најави дека ќе употреби сила за да го врати уставниот поредок.

Истовремено, западните медиуми објавија дека веќе е развиен план за можна воена интервенција во Нигер.

ЕКОВАС претходно објави дека ќе ја прекине финансиската помош за Нигер, ќе воведе забрана за патување и ќе ги замрзне средствата на учесниците во пучот, нивните семејства и секој што ќе се согласи да учествува во институциите формирани од бунтовничката армија.

Исто така, границите беа затворени, а комерцијалните и финансиските трансакции меѓу земјите на Заедницата и Нигер беа суспендирани.