Таулант Бала е нов албански министер за внатрешни работи

– Албанскиот претседател Бајрам Бегај, по предлог на премиерот Еди Рама, попладнево потпиша уредба со која на функцијата министер за внатрешни работи доаѓа Таулант Бала.

Бала (46) родум е од градот Либражд, дипломирал на Универзитетот во Тирана, отсек политички науки и меѓународни односи.

Политичката кариера ја започнал во 2004 година како советник во кабинетот на тогашниот премиер Фатос Нано. Првпат за пратеник е избран на 28-годишна возраст, во 2005 година, и оттогаш редовно го обезбедува пратеничкиот мандат и е пратеник кој добил најголем број гласови до сега на едни избори.

По парламентарните избори во 2017 година именуван е за координатор на пратеничката група на Социјалистите, функција која продолжи да ја извршува и по изборите 2021 година. Исто така тој беше генерален секретар на партијата, беше претседател на Делегацијата на Парламентот на Албанија во Европскиот парламент и потпретседател на Националниот совет за евроинтеграции.

Тој доаѓа на местото на Бледи Чучи кој на функцијата министер за внатрешни работи дојде во средината на декември 2020 година по оставката на Сандер Лешај, кој поднесе неотповиклива оставка поради убиството на 25 годишниот Клодијан Раша од страна на припадник на специјалната полиција „Шќипоња“, по што следеа протести во Тирана и други градови во земјата.

Инаку, по серија тешки кривични дела меѓу нив и убиства, премиерот Рама во саботата доцна попладне го разреши Чучи и оваа важна функција одлучи да му ја довери на Бала.

Тој е шести министер за внатрешни работи од 2013 година, кога социјалистите дојдоа на власт.