Тензии во воениот кабинет на Израел, што криеше Нетанјаху за воените цели во Појасот Газа?

Клучен член на израелскиот воен кабинет го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека не ја кажува вистината за воените намери на земјата во Појасот Газа.

Нетанјаху јавно го отфрли американскиот притисок за идна палестинска држава и инсистираше на тоа дека офанзивата ќе продолжи „до целосна победа“, пишува Телеграф .

Но, Гади Ајзенкот – чиј син беше убиен борејќи се во Газа – рече дека оние што се залагаат за „апсолутен пораз“ на Хамас не ја „ кажуваат вистината“.

Пензионираниот генерал, исто така, изјави дека Нетанјаху споделува „остра и јасна одговорност“ за неуспехот да ја одбрани својата земја на 7 октомври и повика на нови избори, велејќи дека „нема вера“ во актуелното раководство на Израел.

Хамас уби околу 1.300 луѓе и зеде 240 заложници во ненадејниот напад во јужен Израел на 7 октомври.

Тензиите во кабинетот, каде што Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант едвај зборуваат, доаѓаат кога јазот меѓу Израел и неговите западни сојузници се зголемува.

По коментарите на Нетанјаху за несоздавање палестинска држава, советникот за национална безбедност на Белата куќа Џон Кирби рече дека САД и Израел „јасно гледаат на работите поинаку“.