Фон дер Лајен: Не постојат изговори за бомбардирање болница полна со цивили

– Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во врска со израелскиот напад врз баптистичката болница „Ал Ахли“ во Газа, изјави дека нема оправдување за нападот врз болница полна со цивили.

Во Европскиот парламент денеска се одржува специјална седница за израелско-палестинскиот конфликт.

На седницата присуствуваа и Фон дер Лајен и високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

„Вчера болницата во Газа, каде се засолнија стотици повредени лица, се претвори во вистински пекол. Сликите од баптистичката болница „Ал Ахли“ се ужасни и тажни. Нема оправдување за напад на болницата полна со цивили. Сите факти мора да бидат истражени и одговорните мора да бидат повикани на одговорност“, рече Фон дер Лајен.

Таа нагласи и дека е неопходно да се достави помош до населението во Газа.

„Не постои никаква контрадикторност меѓу солидарноста со Израел и дејствувањето во согласност со хуманитарните потреби на палестинскиот народ“, рече Фон дер Лејен.

Борел ги осуди нападите извршени од Хамас врз Израел на 7 октомври.

„Уште еднаш ги осудуваме овие напади. Израел има право да се брани. Секој што е брутално нападнат на ваков начин го има тоа право. Сепак, мислам дека се согласуваме дека правото на самоодбрана, како и секое друго право, има свои граници“, рече Борел и додаде:

„Ги осудуваме ужасните терористички напади. Но, мислам дека треба да ги осудиме и цивилните жртви во Газа. Тоа се околу три илјади загинати луѓе. Бидејќи осудата на една трагедија не треба да нѐ спречи да го кренеме гласот против друга.“

Израелското бомбардирање и блокадата на Појасот Газа продолжуваат по почетокот на конфликтот со групата Хамас, а според Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (UNRWA), повеќе од милион луѓе се раселени, што е околу половина од вкупното население на Газа.

Судирите започнаа на 7 октомври кога Хамас ја започна операцијата „Поплава Ал-Акса“, ненадеен напад од повеќе страни со низа ракетни лансирања и инфилтрација во Израел преку копно, море и воздух. Хамас наведе дека операцијата била одмазда за израелските упади во џамијата „Ал-Акса“ и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.

Како одговор, израелската војска започна операција против позициите на Хамас во Појасот Газа.

Според последните информации на Министерството за здравство во Газа, повеќе од 3.500 Палестинци загинаа во израелските воздушни напади врз Газа, вклучувајќи го и синоќешното бомбардирање на болницата „Ал Ахли“.

Во судирите загинаа над 1.400 Израелци.