Формиран Балкански форум на уставни судови: Уставниот суд на Македонија меѓу основачите

Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, во име на Судот потпиша Меморандум за разбирање и основање на Балкански форум на уставни судови заедно со претседателите на уставните судови на Бугарија, Албанија, Црна Гора, Косово и Турција.

„Согласно Меморандумот овие цели ќе се реализираат преку одржување на годишни средби и состаноци, обуки и работилници на кои ќе бидат изложени дискусиите за уставното право и предизвиците со кои се соочуваат уставните судови во современите околности на примена при одлучување за правата и слободите на граѓаните. Преку овој форум предвидено е да се основаат работни групи и комитети на експерти со фокус на специфични области од уставното право, кои ќе изработат истражувања, анализи и мислења кои ќе бидат значајна помош при практицирањето на уставната материја“, велат од Уставниот суд.

По потпишувањето на Меморандумот беше отворен првиот годишен состанок на Балканскиот уставен форум и покрај судовите-потписници, присуствуваа претставници од уставните судови на Босна и Херцеговина, Грција, Романија и Хрватска.