Хаос во Албанија: Уапсени се 230 лица вклучени во трговија со дрога! – Дилале опијати покрај училиштата

Властите во Албанија денеска уапсија 233 лица во рамки на акцијата против дистрибуција на дрога. Според нивните изјави, се трага по уште 82 лица. Истиот ден беа одобрени решенија за претрес на 356 објекти.

Според директорот на државната полиција, Мухамет Румбулаку, во рамките на оваа акција биле погодени 23 криминални групи.

– Дваесет и три криминални групи вклучени во дистрибуција на наркотици во близина на училишта во простории и станбени блокови беа погодени во рамките на акцијата со кодно име Темпули. Станува збор за наркотици како кокаин, хероин, канабис, а има и огнено и ладно оружје. Акцијата беше проширена во Тирана, Драч, Корча, Елбасан и Валона – рече тој.

Операцијата беше спроведена истовремено во неколку градови.

Сè повеќе млади луѓе користат опојни материи

Mинистерот за внатрешни работи на Албанија, Таулант Баља, го оцени застрашувачкиот податок дека сè поголем број млади луѓе користат опојни материи.

– Употребата на дрога кај младите се зголемува, а се намалува и возраста на оние кои првпат употребуваат дроги, почнувајќи од училиште. Зголемена е и употребата на синтетички дроги. И денеска при полициската акција беше откриена дрога која претходно ни беше непозната во Албанија. Ова е еден вид аларм за институциите. Pодителите и општеството мора заедно да реагираат – рече министерот.

Ќе има конкретни мерки

Баља најави нов план за безбедносни мерки во училиштата. Според него, Министерството за внатрешни работи е посветено да ја продолжи оваа борба. Тој побара институциите, училиштата, семејствата и граѓанското општество да се здружат во превенцијата од употребата на дроги.

– На терен ќе има конкретни мерки за елиминирање на заканата по јавното здравје и безбедност од употреба на дрога. Ќе направиме сè за да спречиме криминални групи да се приближуваат до училиштата во рамките на безбедносните граници – изјави Баља и најави дека наскоро ќе бидат објавени предлози за измени на Кривичниот законик со кои ќе се удвои казната за кривични дела што се случуваат во близина на училиштата.