Хрватската Влада предложи забрана за работа во недела, со најмногу 16 работни недели годишно

 Владата на Хрватска денеска до Собранието го достави конечниот предлог-закон за трговија со кој начелно се забранува работа во недела, со можност за 16 работни недели годишно.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на седницата на Владата во Загреб рече дека моделот од 16 работни недели претставува „добар баланс“.

„Веруваме дека тоа ќе придонесе за правата на работниците, семејниот живот и функционирањето на сите во овој нов режим“, рече Пленковиќ.

Според предлогот, законот ќе стапи на сила на 1 јули годинава.

Конечните предлог измени и дополнувања на Законот за трговија предвидуваат работното време на продажните објекти да го одредува трговецот во периоди од понеделник до сабота во вкупно времетраење до 90 часа неделно, а продажните објекти да бидат затворени во недела и за празници.

Трговецот самостојно одредува 16 работни недели во годината, а во тие недели максимално дозволениот број часови се зголемува за 15.

Предлог-законот, меѓу другото, пропишува исклучоци за објекти во рамки на железнички и автобуски станици, аеродроми и пристаништа за траект, како и за бензински пумпи, болници, хотели, простории на културни и верски установи, музеи, кампови, откуп на примарни земјоделски производи, продажба на сопствени земјоделски производи на штандови на пазари и за продажба на далечина.