Ципрас: Мицотакис јавно призна дека постои скандал со прислушувањата

 – Од вчерашната дебата, произлезе една ретка вест, Мицотакис за првпат јавно призна дека постои скандал со прислушувањето и дека немаше никаква национална причина за следењата, рече лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас и истакна дека само со прогресивна Влада виновниците ќе сносат одговорност, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на синоќешниот ТВ дуел рече дека лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис не претставува „апсолутно никаква опасност за безбедноста на земјата и никогаш не требаше да биде следен“, но и дека „според Економист земјата во изминатата година има направено значаен напредок и покрај скандалот со прислушувањата“.

Ципрас денеска, освен што коментираше дека станува збор за прво јавно признавање дека постои скандал, прашува и како е можно да било одобрено прислушувањето ако немало национална причина за тоа.

Истакна дека е разумен ставот на Андрулакис дека е потребно сторителите да одговараат, но „со Влада на Нова демократија тоа никогаш нема да се случи“.