ЧЕЛИЧНА ОДБРАНА – „Погледнете ги сателитските снимки. Јасно е од што најмногу се плашат Русите, но таму добро си ја вршат работата!“

Километарски ровови, стапици за тенкови и возила… Се формира нова тврдина која Украинците тешко ќе ја пробијат.

Додека лидерите на Украина се повеќе најавуваат дека ќе ја вратат целата своја територија окупирана од Русија, Москва подготвува длабинска одбрана, особено на Крим, полуостров што незаконски го анектираше во 2014 година и сега е еден од најзајакнатите во воената зона.

Во областа околу градот Медведивка, во близина на преминот кон копното на Украина, Русите ископаа повеќекилометарски систем за ровови, а има и системи на длабоки ровови како замки за тенкови и тешки возила. Сателитските снимки, доставени до Вашингтон пост од комерцијалната вселенска технолошка компанија Максар, покажуваат дека Русија изградила десетици слични одбранбени системи.

„Руската војска очигледно разбира дека Крим ќе мора да се брани во блиска иднина“, рече Јан Матвеев, руски воен аналитичар.

Само во последните неколку недели, пред очекуваната пролетна офанзива на Украина, Русија изгради километри и километри утврдувања во близина на Витин, град на западниот брег на Крим, иако аналитичарите велат дека е малку веројатен амфибиски напад. Сепак, БТМ-3, машина за копање ровови од советската ера, копа половина милја на час, дури и кога земјата е замрзната. Американската војска еднаш се восхитуваше на машините, пишувајќи во внатрешен извештај во 1980 година дека ништо споредливо не постоело во САД, Европа или Јапонија.

Рускиот лидер на Крим Сергеј Аксинов

Покрај тоа, руските онлајн огласи за работа бараат градежни работници за обложување на рововите на Крим со дрво и бетон, за прилично висока плата од 90 долари на ден. Очигледно е дека иднината на Крим е напната тема. Украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека ќе го врати под контрола на неговата земја, но рускиот претседател Владимир Путин возврати дека никогаш нема да се откаже од Крим.

И географијата на овој полуостров претставува големи тешкотии и за Украина и за Русија. Крим е поврзан со копното на Украина со тесен, мочурлив премин кој може да ја запре офанзивата. Но, неговата близина до линијата на фронтот, исто така, може да се покаже опасна за руската окупација, изолирајќи ги нејзините сили и ставајќи ги на дофат на украинското оружје.

Микола Бељешков, научен соработник во Украинскиот национален институт за стратешки студии во Киев, верува дека обемот на утврдувањата е „најдобар показател“ за стравовите на Русија. Покрај тоа, високи руски функционери, вклучително и поранешниот претседател Дмитриј Медведев, имплицираа дека Москва ќе користи нуклеарно оружје за да го брани Крим.

Географската положба е можеби најдобрата одбрана на Крим. Само два главни патишта водат до полуостровот од север – М17 на запад сега е силно утврден, а М18 на исток преминува преку мост што може да се урне. Блиската лагуна Сиваш ги ограничува големите воени движења, додека источниот дел на Крим е главно неасфалтирани патишта.

„Русите прават многу добра работа во подготвувањето на одбранбените позиции“, изјави за Вашингтон пост Стив Данер, поранешен инженер на американската армија кој служел во војните во Персискиот Залив, Ирак и Авганистан, споредувајќи ги утврдувањата околу Крим сега со оние користени од Советскиот Сојуз околу Курск во Втората светска војна.

Но, Бен Хоџис, поранешен командант на американската војска во Европа, а сега советник на организацијата Human Rights First, тврди дека Украина ќе остане ранлива доколку не го преземе Крим. Имено, Русија би можела да ги користи пристаништата на Крим за да ја блокира украинската трговија, на пример, или како почва за иден конфликт.

„Украина никогаш нема да биде безбедна или способна да ја обнови својата економија сè додека Русија го окупира Крим затоа што го блокира пристапот до Азовското Море и затоа што Црноморската флота може да доминира на брегот на Црното Море и на украинските пристаништа“, објасни Хоџис. Затоа пензионираниот генерал ги повика САД да испорачаат ракети со поголем дострел за да помогнат во протерувањето на Русија, вклучувајќи го и Армискиот тактички ракетен систем (ATACMS), кој може да погоди цели до 400 километри, потенцијално ставајќи го целиот Крим во домет.

Утврдувањата на Крим значат дека Русија ќе биде подготвена за долга борба. Говорејќи за руските државни медиуми овој месец, Сергеј Аксјонов, назначен од Русија за шеф на Крим, рече дека работата на „одбранбената линија“ на Крим се одвива според планот.

„Сè уште верувам: ако сакате мир, подгответе се за војна“, најави Аксјонов.